ЕЦДЦ: Затворањето на границите не придонесува во спречувањето на ширењето на коронавирусот

Фото: МИА

Затворањето на границите не придонесува многу во спречувањето на ширењето на епидемијата на новиот коронавирус, соопшти денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Тие истакнаа дека мерките како што се тестирање на патниците пред поаѓање или мерење на температурата при пристигнување, генерално не се ефикасни.

Во извештајот Европскиот центар за превенција и контрола на болести проценува дека затворањето на границите имало многу негативни ефекти врз економијата и било ефикасно само кога станува збор за одложување на епидемијата на нејзиниот почеток и во изолирани региони.

„Достапните докази не ги поддржуваат препораките за затворање на границата, што ќе предизвика значителни несакани ефекти и социјални и економски нарушувања во ЕУ, што нормално функционира со отворени граници меѓу земјите членки”, соопшти Европската здравствена агенција.

Извештајот, исто така, укажува на тоа дека епидемиолошките податоци може да не се сигурни бидејќи европските земји не применуваат заеднички пристап за тестирање за Ковид 19 и известување за случаи, што го прави невозможно споредувањето на стапките на ширење на епидемијата.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести наведува дека принудувањето на луѓето да бидат тестирани пред патување може да има само ограничена вредност затоа што патникот може да се зарази непосредно пред поаѓање или за време на патувањето поради двонеделниот период на инкубација за тој вирус.

Што се однесува до проверката на температурата на патниците при пристигнувањето, ЕЦДЦ посочува дека патниците веќе можат да бидат заразени без да имаат температура.

Прашалниците пополнети од патниците за нивното здравје можат да понудат дополнителни корисни информации, но претставуваат ризик кога станува збор за заштита на податоците, според ЕЦДЦ.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести исто така потенцира дека сертификатите за имунитет издадени по тест за антитела не се сигурни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот