ЕБОР: Горди сме на пионерската зелена иновација во РСМ – ТЕЦ Осломеј станува соларна централа

ТЕЦ „Осломеј“ е прва транзиција на електрана на јаглен во капацитет за чиста енергија во регионот/Фото: Скриншот

Европската банка за обнова и развој преку својот Твитер профил изрази задоволство што во Република Северна Македонија се гради пионерски проект – огромна соларна централа на местото на ТЕЦ Осломеј.

-Горди на пионерската зелена иновација во Северна Македонија, каде што првата соларна централа од големи размери во земјата ја заменува исцрпената термоцентрала во Осломеј. Инсталираната моќност на новата соларна централа е 10 MW и спречува повеќе од 12.000 тони емисии на CO2, објави ЕБОР.

Минатиот месец премиерот Зоран Заев соопшти дека првите киловати електрична енергија од фотоволтаичната електрана од 10 мегавати, инсталирана на површина на сегашната Термоелектрана „Осломеј“, се очекуваат да протечат во наредните неколку месеци.

Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана ќе изнесува 15-17 гигават-часови, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства

Договорите од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер, и од друга страна со „Фортис енерџи“ од Турција во едната електрана, а во другата со „Солар про“ од Бугарија.

Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,5% од произведената електрична енергија за час.

Видео на денот