Е, па, добро, ќе се гушкаме со Србите, Албанците и Грците!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Не ми е за друго, ѝ го расипаа Бугарите среќното и долговечно заминување на Меркел во политичка пензија.

Некако вообичаено, изјавата на госпожа Ангела Меркел на Брдо кај Крањ треба да се земе како најверодостојно толкување на проблемот на ЕУ и на Западниот Балкан со Бугарите: „Се надевам дека проблемите ќе бидат надминати. Како што знаете, во Бугарија тоа сега не е возможно, бидејќи наскоро ќе се одржат парламентарни и претседателски избори, така што во овој контекст сега е невозможно да донесете брзи одлуки.“

Во оваа изјава имате сѐ: европската надеж, бугарските домашни перипетии, неможноста за решение на спорот.

Тоа е тоа. Откако ја „покоривме“ целата друга ЕУ, со Бугарите, и покрај општите европски надежи, нема да има „брзи одлуки“. Тешко ќе има и бавни одлуки, бидејќи уште Меркел недоизлезена од вратата на салата на Брдо, каде што со Макрон и другите се обидуваа да го убедат Радев дека неговата држава води ирационална политика во однос на својот западен сосед, бугарскиот претседател испорача такви барања до Македонија, што за нивното исполнување би требало да го вратиме тркалото на историјата барем седумдесетина години наназад, плус да ангажираме и едно стотина илјади „оригинални“ Бугари, кои овдека би ги попишале како Македонци. Бидејќи, овие на кои Бугарите им дадоа пасоши, како што стојат работите, не сакаат да се попишат како Бугари. Срам да им е.

Истовремено, од Атина, на крајот на својата дводневна официјална посета, поздрави испрати македонскиот претседател Пендаровски, кој оцени дека „билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција влегуваат во еден нормален тек“. Претпоставувам дека и ова ќе биде провокација за Софија, оти тамошната политичка елита сѐ уште е во шок од Преспанскиот договор.

Кога го потпишуваа Договорот за добрососедска соработка со нас, Бугарите си мислеа дека меѓу Скопје и Атина никогаш нема да се постигне решение, со што Грците ќе продолжат да бидат главните виновници за евроатлантската блокада и на нас и на Западниот Балкан, а дека во Софија ќе се продолжи со индустриско „штанцање“ пасоши за Македонците, па кога таа бројка ќе стигне до еден милион овдешни државјани, само ќе биде техничко прашање кога ќе се извадат бугарските знамиња по овдешните бандери и, веројатно, ќе ги обновиме разговорите за поделба на земјата со нашите сограѓани, етнички Албанци. Стара, всушност најстара балканска националистичка приказна.

Но, бидејќи со Преспанскиот договор македонската интеграциска приказна со влезот во НАТО се „откочи“, а Договорот со Бугарија – пристоен, цивилизиран, во најдобар интерес на двата соседа – веќе беше потпишан, Бугарите, на-врат-на-нос, побрзаа да ни стават вето за отпочнување преговори со Унијата.

Не ми е за друго, ѝ го расипаа среќното и долговечно заминување на Меркел во политичка пензија.

Во изминатата година и кусур, односите меѓу денешната Република Северна Македонија и Република Бугарија се веројатно најлоши (минус безбедносната, некогашната блоковска компонента) уште од времињата на Втората светска војна. Македонците ќе продолжат, во големи количества (додуша, нешто помалку и во соседна Бугарија!) да го слушаат и да го гледаат блескавиот кичерај на српските фолк-ѕвезди и да му се воодушевуваат на Вучиќ како автократски умешно ја држи власта во Белград; и масовно ќе продолжат да одат по грчките плажи и, во сѐ поголем број, на убавото албанско крајбрежје… Животот ќе си тече и понатаму, како и „гушкањето“ со сите наши соседи, минус Бугарите.

Може ли некој да објасни како е тоа во интерес на краткорочните, среднорочните и долгорочните интереси на Бугарија, со оглед на оваа нејзина да-му-умре-козата-на-комшијата политика кон Македонија…?! Вистинска балканска мистерија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот