Е, мој Павле

„Павле Богоевски попладнево сам се пријавил во полиција!“. Ова беше насловот кој вчера навистина ме изненади. Но ме изненади во позитивна смисла. Пратеникот, кој самиот јавно призна дека договарал набавка на масло од канабис, се одважил и самиот отишол во полиција да се пријави. Браво, така треба да постапува секој одговорен функционер и граѓанин во една демократска држава. Нешто што кај нас ретко се случува, дефинитивно.

Но веќе утрината, повторно се шокирав. Случајот од денеска ќе го преземе Јавното обвинителство на Скопје, а предмет на истрага ќе биде таксистот кој возејќи го Богоевски, неовластено го снимал што зборува на телефон.

Значи, ќе се гони таксистот, кој несомнено извршил кривично дело со неовластено снимање. Но што станува со дилерот на Богоевски? Кој ќе го гони него и дали воопшто ќе го гони? На ова прашање сè уште чекаме одговор.

Пратеникот јавно призна дека договарал набавка на масло од канабис, од кои причини, не навлегувам во тоа, бидејќи не е важно. Јавна тајна е дека масло од канабис на големо се продава на црниот пазар, но никој од надлежните институции не поведува сметка за тоа. Маслото од канабис кај нас легално се продава, но во аптека, исклучиво по препорака и со рецепт од лекар.

Исто така и одгледувањето на коноп за медицински цели е дозволено, но само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на коноп издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Имајќи го предвид сето ова, се наметнува прашањето, од кого Богоевски нарачувал масло од канабис? Кој е одгледувачот на оваа билка и производител на маслото? Дали Богоевски дал такви информации во МВР?

На крај, дали Богоевски е подготвен да понесе политичка одговорност за своето признание? Дали навистина ќе се одважи да поднесе оставка, како што тоа многумина го побараа од него? Богоевски одговор на ова прашање не дава. Засега ќе се држел до тоа што вчера го соопштил на Фејсбук. Јас пак ќе се држам до тоа дека одговорност мора да има, и тоа брзо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот