ДЗС уверува: Пописот се одвива без проблеми, апликацијата за дијаспората е безбедна

Попис фото МИА

Државниот завод за статистика вчера еден ден по официјалниот почеток на пописот излезе со соопштение во кое напомена дека апликацијата за попишување, наменета за дијаспората е безбедна и дека до неа може да се пристапи само од ИП адреса во странство. ДСЗ нагласи и дека секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис, а реакцијата следуваше откако во јавноста излегоа информации дека апликацијата за попишување на дијаспората е небезбедна.

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa завчера со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Но ден по нејзиниот почеток, програмерка во Фејсбук групата „Сојузен комитет на програмери на Република Македонија” објави дека секое лице кое ќе вклучи ВПН може да се попише од Македонија, иако оваа апликација е наменета за македонските граѓани во странство.

– До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години, наведоа потоа од ДЗС.

Од таму потенцираат дека внесувањето на податоци преку ВПН или прикриена ИП адреса, односно самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

Од ДЗС посочуваат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Северна Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.

При регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците. Со пријавувањето на Апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација и телефонски број на корисникот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера посочи дека користењето на ВПН апликација при попишувањето се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот