ДЗР: Дел од исплатените додатоци во СЈО не се во согласност со законската регулатива

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Државниот завод за ревизија констатирал дека во Специјалното јавно обвинителство износот на исплатените додатоци за 2015 година го надминува износот на исплатените средства за основната плата по лице. Ревизијата, како што соопшти ДЗР, констатирала дека за периодот јануари 2016 до септември 2019 година по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност и за посебна заштита на приватност исплатени се средства во вкупен износ од 282.896 илјади денари за кои ревизијата не обезбеди соодветен законски критериум. 

На барање на ОЈО за организиран криминал и корупција ДЗР изврши ревизија на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати и други надоместоци во ЈО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите”. Извршената ревизија се однесува на периодот 2015-2019 година .

Во ревизорскиот извештај се нотира  дека додатоците на плата за 2015 година коишто се предвидени за јавниот обвинител и јавните обвинители во ова обвинителство, го надминуваат износот на исплатените средства за основната плата по лице. 

Ваквата констатација, како што посочуваат од ДЗР, е резултат на извршените детални тестирања на доставената документација, како и анализата на податоците од деловните книги. Во предвид се  земени и интерните акти донесени од страна на  јавниот обвинител, односно Правилникот во кој се утврдени додатоците во апсолутни износи. 

Правото на додаток на плата  на јавниот обвинител и јавните обвинители во СЈО е уредено со член 14 од Законот за СЈО, согласно кој утврдени се додатоци на плата и тоа: додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.  

Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители од декември 2015 година, уредено е дека вкупниот износ на висината на додатоците не мже да изнесува повеќе од 35 проценти од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот на утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител  да донесе посебен акт. 

Ревизорските наоди кои се однесуваат на остварувањето на правото на други надоместоци произлегуваат од прибавени информации кои имаат степен на класификација поради што ДЗР согласно член 29 од Законот за државната ревизија изготви посебен извештај, согласно Законот за класифицирани информации, а висината на исплатените средства по овој основ изнесуваат 282.896 илјади денари. 

Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и  исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти. Со релевантната законска регулатива и интерните акти, стои во заклучокот на ДЗР за извршената ревизија. 

Ревизорите исто така утврдиле дека освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти. 

Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти, се наведува во соопштението од ДЗР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот