Џинпинг, Путин и Студената војна 2.0

Foto: EPA

Тридневната државна посета од кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој слета во Москва на 20 март, не можеше да дојде во подобар момент – за Путин. Оваа највисока кинеска дипломатска посета за Путин претставува огромна морална поддршка. Меѓу другото, и затоа што Џинпинг слета во Москва само три дена по налогот за апсење што го издаде Меѓународниот кривичен суд, кој го сомничи за воени злосторства.

„Драгиот пријател“ Путин

Првата посета на неговиот „драг пријател“ Путин, по почетокот на воената агресија против Украина, Џинпинг ја најави како „патување на пријателството“. Го нарече тоа „патување на пријателството, соработката и мирот“, односно дека доаѓа кај „драгиот пријател“ со мисија „да промовира мировни преговори“.

Официјално, кинескиот лидер тврди дека Кина е неутрална во однос на руската војна против Украина. Сепак, односот на Кина кон Русија во светлина на бруталната војна и воени злосторства во Украина, тешко дека може да се нарече неутралност. Во некои прашања, можеби може да се каже дека Кина покажа извесна воздржаност, но ни оддалеку не е неутрална.

Што ги обединува Путин и Џинпинг?

Што ги обединува двајцата пријатели и партнери, „неутралниот“ Џинпинг и злосторникот Путин? Прво, тие се диктатори. Нив ги обединува идејата за доживотно владеење со нивните земји. Уште повеќе, ги обединува идејата за поинаков светски поредок во кој нема место за демократијата и човековите права и слободи.

„Неутралниот“ Џинпинг негува силно партнерство со злосторникот Путин, во потрага по подобри позиции за продлабочена конфронтација со Западот, во прв ред, со САД. Тој, за да го одржи партнерството со Русија, досега со ниту еден збор не ја осуди бруталната агресија на Русија во која мета и најтрагични жртви се токму цивилите. А вели дека доаѓа „да промовира мир“.

Исукани мечеви

На светската мапа сега гледаме три нуклеарни сили со исукани мечеви – Русија и Кина од една страна и САД, Европа и НАТО сојузниците на другата страна. Рецепт за Трета светска војна или – нуклеарен Армагедон. Студената војна ја започна Путин уште во текот на првата деценија од своето авторитарно владеење со Русија, особено со инвазијата на Грузија во 2008 година. Со отвореното кинеско-руско партнерство (плус Иран), Студената војна 2.0 влегува во нова, критична фаза. Државите од Блискиот Исток, Азија, Африка и Јужна Америка веќе го чувствуваат „магнетизмот“ на спротивните полови во новата остра поделба на светски блокови и зони на влијанија.

Допрва следат драматични кризи и жестоки војни
Допрва следат драматични кризи и нови, жестоки воени жаришта во светот. Авторитарните режими тргнаа во освојување на светот. На трагичен начин, Украина стана симбол на судбината и на светот. За жал, пред светот се исправени ризици од уште освојувачки војни – за територии. Светот веруваше дека последна таква војна е Втората светска војна. Но Путин ја промени таа „логика“, а веќе наоѓа свој истомисленик во гигантската Кина.

Путин не ја крие својата радост поради „братското пријателство“ и „пријателство на иднината“ како што гласи насловот на текстот на Путин објавен во кинескиот весник People’s Daily, а пренесен на официјалната веб страница на рускиот претседател.

Путиновата „поезија“

„Среде брановите и ветровите што ја зафаќаат планетата, ние тесно соработуваме во меѓународните прашања и ефективно ги координираме нашите надворешнополитички позиции, се спротивставуваме на заедничките закани и одговараме на тековните предизвици, стоејќи рамо до рамо како карпа среде брзиот поток“, напиша Путин во кинескиот весник.

Чиста поезија! И отворена конфронтација со “западната хегемонија“ во која ја вовлекува и Кина.

И додека Путин им пишува поезија на Кинезите, рускиот ракетен терор уништува домови и убива цивили во Украина.

Со оваа посета, се чини, Џинпинг си поигрува со имиџот на Кина, особено имајќи ги предвид грозоморните факти на начинот на руската геноцидна војна во Украина, неконтролираното однесување на Путин (ноќната посета на Мариупол) и налогот за апсење што го издаде Меѓународниот кривичен суд. На Путин, по секоја цена му е потребен сојузник за остварување на амбициите за освојување на светот и создавање нов, антизападен свет.

Русија – вазал на Кина

Од друга страна, на кинескиот претседател му е многу важно да го убеди светот дека Кина може да игра решавачка улога во посредување за ставање крај на руската војна против Украина. Кина игра и на картата да се наметне како партнер во решавањето на светските кризи.

Во една таква констелација, Џинпинг, всушност, му носи „свилен гајтан“ на својот „драг пријател“. Бидејќи, во новиот светски поредок – Кина е на врвот, а Русија ќе мора да се задоволи со статусот на вазалска држава.

Извор: Civilmedia  Автор: Џабир Дерала

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот