Џихадисти по потекло од Северна Македонија повторно ја тресат Австрија
Џихадистот на возраст од 19 години кого во средата го уапси австриската полиција под обвинение дека подготвувал терористички напад на еден од трите концерти на Тејлор Свифт закажани за денеска, утре и во сабота, е по потекло од Северна Македонија.
Според веб-страницата Puls24, семејството на 19-годишникот се преселило од Виена во градот Терниц, каде што се случило апсењето. Според истиот извор, семејството на 19-годишното момче, чии членови имаат австриско државјанство, потекнува од Северна Македонија и има албански корени.
Инаку, како што се додава во текстот, по потекло е од Северна Македонија е и џихадистот кој изврши терористички напад во Виена на 2 ноември 2020 година, што резултираше со четворица загинати и 23 повредени.
Имено, извршителот на терористичкиот напад во Виена во 2020 година, 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, со потекло од селото Челопек, не бил познат за македонските безбедносни служби. Тој поседувал македонски пасош, но земјава ретко ја посетувал и не е утврдено каде се радикализирал за да изврши терористички напад.
Според информациите објавени во австриските медиуми, 19-годишникот којшто беше уапсен вчера неодамна бил радикализиран кај неговите соседи, наведувајќи дека „одеднаш еден ден се појавил со брада како Талибанците“. Според истите сведоштва, во неговиот стан виделе и жена во бурка.
Австриските медиуми јавуваат и дека 19-годишникот работел во лабораторија и наводно од таму украл хемикалии што може да се користат за правење експлозиви. Вакви хемикалии се пронајдени во неговиот дом и се врши вештачење.
Покрај 19-годишниот, австриските власти кои, според „Билд“, биле информирани за планираниот удар од странска тајна служба, уапсиле и двајца 17-годишници како осомничени за истиот планиран удар.
Но, австриски „Куриер“ пренесува дека за истиот случај се бараат уште две лица и затоа конечно било одлучено да се откажат сите концерти на Тејлор Свифт во Австрија.
Германскиот весник, исто така, објави дека тајната служба на друга земја пронашла видео од еден од осомничените во кое тој ја изјавува својата верност на Исламската држава, како оние што вообичаено следат по терористички напад како доказ за преземање на одговорност од ИСИС.
На прашањето колку се специфични плановите на уапсениот џихадист, Франц Руф, генерален директор за јавна безбедност изјави:
„Се разбира, имаше соодветна комуникација, вклучително и на шифриран начин, на Интернет и соодветните форуми, но имаше и конкретни подготвителни активности на локацијата во станбената зграда во Терниц каде што живеел 19 -годишникот“.
При претресот на куќата, преземена е акција од соодветните безбедносни служби поради сознанијата за опасни материи и откриени се „хемиски материи, повеќе супстанции и технички средства“ кои сега се проценуваат.
Специјалисти од антитерористичката единица „Кобра“ упаднале во станот на осомничениот за тероризам во станбен блок во центарот на Терниц во средата наутро. Откако техничарите од енергетскиот снабдувач ЕВН превентивно ги исклучија струјата и гасот до куќата, сè беше подготвено за пристап, информираше началникот на виенската полиција Герхард Пурстл.
Прес-конференција во четврток наутро
По откажувањето на концертите на Тејлор Свифт поради можни планови за напад, австрискиот канцелар Карл Нехамер ја опиша ситуацијата околу планираниот терористички напад во средата вечер како „многу сериозна“. Благодарение на полицијата и ДСН, „заканата беше рано идентификувана, сузбиена и спречена е трагедија.
– Сè уште остана само „горкото разочарување“ за фановите – рече канцеларот на Икс.
Според Нехамер, истрагата сè уште е во полн ек, а полицијата во четврток наутро ќе одржи прес-конференција на која ќе информираат за текот на истрагата.
Во средата во текот на целиот ден во Терниц имаше вонредна состојба и интензивна полициска истрага. Имено, 19-годишниот осомничен беше уапсен во раните утрински часови. Она што следеше беше обемна полициска операција со евакуација на неколку куќи, блокади на патишта, претреси и конфискации на куќи, потоа уште едно апсење во Виена, а беа познати можните планови за напад и, доцна вечерта, откажување на концертите на Тејлор Свифт планирани за четврток, петок и сабота.
View this post on Instagram