Џаферовиќ побара разрешување на Додик

Додик и Џаферовиќ/ Фото EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Сефик Џаферовиќ денеска го повика високиот претставник во таа земја Кристијан Шмит да го постави прашањето за разрешување на српскиот член Милорад Додик со цел, како што вели, да се одблокира работата на институцијата – колективен шеф на државата.

По денешната седница на Претседателството на БиХ, на која присуствуваше и Додик, Џаферовиќ рече дека српскиот член на Претседателството е против сите точки и дека на дневниот ред се вклучени претежно оние поврзани со надворешната политика и безбедноста.

– Не донесовме ниту една одлука. Повеќето точки на дневниот ред беа поврзани со надворешната политика, каде што Додик гласаше против, тие одат на вториот круг од гласањето. Потребен е консензус за безбедносните точки, изјави Џаферовиќ, пренесуваат сараевските медиуми.

Тој додаде дека очекува реакција од меѓународната заедница, бидејќи, како што вели, тоа е блокада.

– Тоа е очигледна блокада на Претседателството. Не можевме да назначиме амбасадори, да дадеме агремани на амбасадори од други земји. Освен блокада, тоа е и еден вид злоупотреба, рече Џаферовиќ.

– Очекувам високиот претставник да помогне во функционирањето на БиХ, вклучително и разрешувањето (на Додик), истакна бошњачкиот член на Претседателството, кое е тричлено тело кое колективно служи како шеф на државата на Босна и Херцеговина.

Според Уставот на БиХ, Претседателството се состои од три члена и тоа еден Бошњак, еден Србин и еден Хрват, кои имаат четиригодишен мандат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот