Џафери за пцостите може да добие само јавна опомена

Талат Џафери / Фото: МИА

Според актуелните законски решенија, ако пратеник пријави и достави доказ до Комисијата за прекршување на Кодексот, Џафери, најмногу што може, е да добие јавна опомена. Пратениците не можат да ја преиспитуваат неговата способност да ја врши функцијата.

ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците да иницираат преиспитување на способноста за вршење на функцијата од претседателот на Собранието Талат Џафери, по објавувањето на снимката на која тој со повишен тон и вулгарно навредува вработени од службите. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски побара од претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања Панчо Минов, да свика седница и да утврди тешка повреда на собранискиот Етички кодекс, додека Левица бара едномесечна суспензија на Џафери.

Според актуелните законски решенија, ако пратеник пријави и достави доказ до Комисијата за прекршување на Кодексот, Џафери, најмногу што може, е да добие јавна опомена. Пратениците  не можат да ја преиспитуваат неговата способност да ја врши функцијата, велат познавачите кои повикот го толкуваат како политички маркетинг на опозицијата.

– Ќе почекам да се изјасни претседателот на Комисијата Панчо Минов бидејќи знам дека допрел глас до него за инцидентот на Џафери, па ќе преземам следни чекори – вели за „Слободен печат“ Милошоски.

Милошоски го повикува Минов да ја свика Комисијата

Милошоски преку Фејсбук го повикува Минов во најкус можен рок да закаже јавна седница, да го покани и Џафери и да му изрече јавна опомена. Според опозицискиот пратеник, ова би бил еден чекор кон очекуваната оставка.

– Тешка повреда сторил „пратеникот што врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи“. Ова е запишано во член 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците, кој е донесен во 2018 година, а како прв предлагач потпишан е пратеникот Талат Џафери. Истиот пратеник од позиција на претседател на Собранието, на 11 мај, како што слушна целата јавност, со крајно вулгарен речник врши притисок кон вработените во службата за седници во Собранието, пцуејќи ги нивните мајки и омаловажувајќи го нивното достоинство. Ова е досега најтешката повреда на Етичкиот кодекс, која мора да биде санкционирана согласно него – вели Милошоски.

Претходно, Левица побара Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања да изрече јавна опомена и суспензија на Џафери, како и забрана да претседава со Собранието во траење од еден месец.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски повика пратениците да иницираат преиспитување на способноста на Џафери да ја врши функцијата, а лидерот Христијан Мицкоски изјави дека се срами што го познава и упати „институциите да се погрижат за него“.

– Ако некој човек има проблем со себе и со својот нервен систем, има посебни институции што се грижат за тоа. Парламентот и вработените таму не се место каде што некој треба да го лекува својот нервен систем – рече Мицкоски.

Петковски: Новиот изборен закон е шанса да се променат нештата

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски за „Слободен печат“ вели дека во Парламентот, во деведесеттите години од минатиот век имало ригидни, дискриминирачки и навредливи изјави од пратеници, па се предлагало сите избрани и именувани функционери да мора да достават уверение за деловна способност, односно лекарско уверение дека се психички здрави.

– Навреди, дискредитации, па и физички пресметки не се случуваат само кај нас. Во времето на владеењето на Доналд Трамп, здружение на психијатри во САД поднесе иницијатива за одземање на деловната способност на тогашниот претседател на САД, Трамп, откако тој даде неколку навредливи изјави. Иако и кај нас имаше такви идеи во изминативе 20 години, формален предлог за задолжителна проверка на психичката состојба на избраните и на именуваните функционери не беше доставен. Доколку партиите сметаат дека има потреба за утврдување на деловната способност, односно на психичката способност на функционерите, тоа може да предложат сега, бидејќи Министерството за правда најави нов Изборен законик. Само со одредба во Изборниот законик може да се бара уверение за психичкото здравје на функционерите. Во таков случај при прифаќање на кандидатурата за пратеник, министер, шеф на државата, претседател на Собранието, премиер, градоначалници, советници, ќе треба да приложат уверение за психичко здравје. Таков документ, пак, ќе издаваат само надлежни установи и институции – вели Петковски.

Што вели Кодексот

Прашањето за деловната способност односно за психичкото здравје на функционерите и колку се достојни за вршење на функцијата, се отвораше речиси по секој вербален или физички инцидент во Собранието. Вербалниот инцидент на претседателот на Собранието, според Кодексот, спаѓа во „тешки повреди“, што ги третира членот 14 алинеја 4 од Кодексот. Но, за Џафери да одговара за прекршување на Кодексот треба некој од пратениците да достави пријава до собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања. Со пријавата, пратеникот треба да достави и докази со кои се докажува дека е прекршен Кодексот.

Комисијата нема истражна надлежност, туку ги разгледува доказите и носи одлука дали пратеникот сторил повреда на Кодексот и каква. Доколку станува збор за лесна повреда, пратеникот добива опомена, а ако повредата е тешка, пратеникот јавно ќе биде опоменет.

АУДИО: Џафери ги загуби нервите, извикува вулгарности кон собраниските службеници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот