Џафери нема да одговара за пцуењето по службениците

Талат Џафери / Фото: МИА

Наместо да им се извинат на администрацијата и на граѓаните, пратениците на СДСМ и на ДУИ гласаа да нема расправа и со ова го оправдаа однесувањето на Џафери – рече Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на која претседателот на Собранието Талат Џафери требаше да одговара за прекршување на Етичкиот кодекс, заврши експресно – за една минута. Тој не дојде, но и нема да одговара за пцуењето упатено кон собраниските службеници затоа што мнозинството во Комисијата не го прифати дневниот ред.

Опозицијата констатираше дека по ова, Етичкиот кодекс повеќе не важи и побара оставка од претседателот на Комисијата Панчо Минов. Партијата на Џафери, ДУИ, оцени дека пријавата против Џафери е беспредметна бидејќи тој бил најдобриот претседател на Собранието досега!?

Пратениците во ВМРО-ДПМНЕ имаа транспаренти со себе, на кои беа напишани најсочните изјави на Џафери во непримерниот инцидент. Но, кога Минов го стави на гласање дневниот ред со единствената точка, пратениците од мнозинството гласаа против неа.

Со последните измени на Етичкиот кодекс, пратеник што направил тешка повреда на Кодексот, за каква се товари Џафери, освен со јавна опомена може да биде казнет и со суспензија од членство во работно тело во рок од еден месец или, пак, со забрана да претседава со работно тело во траење од еден месец.
Веднаш потоа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека од денес веќе не постои Етичкиот кодекс.

– Омаловажувањата, понижувањата, мобингот, непочитувањето е нешто што на дневна основа го доживуваат сите граѓани на државата, без разлика на верска, етничка или која било припадност. Вака функционира двоецот СДСМ и ДУИ. Вака функционира во целата држава. Вака е со сѐ во државата. Наместо да се им извинат на администрацијата и на граѓаните, тие гласаа да нема расправа и со ова пратениците на СДСМ го оправдаа однесувањето на Џафери – рече Мицевски и нагласи дека со протестот на 18 јуни, ќе бил почеток на крајот на оваа власт.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми застана во одбрана на сопартиецот и рече дека мнозинството гласало против расправа за Џафери бидејќи не можело да дозволи Собранието да се претвори во циркус и во театар.

– Собранието не е место за реализација на теснопартиски интереси. Интересите на граѓаните не се бранат со халуцинации дека некој го прекршил Етичкиот кодекс. Џафери досега ги добил сите правни битки пред Уставниот суд. Граѓаните се изморени од токсични прашања во време на кризи. Не е време за кревање тензии и активна блокада. Џафери е најдобриот претседател на Собранието. Да, Џафери бара работа и одговорност од сите, но и работи на подобрување на статусот на службениците – рече Адеми.

Пратеникот од Левица Борислав Крмов рече дека Џафери избегал од соочување за насилничкото однесување кон службениците.

– Очајниците за власт од СДСМ најбесрамно го заштитија Талат Џафери, кој избега од соочување за неговото насилничко однесување спрема службениците. Срамно и кукавички за еден претседател на Собранието е вака да бега од одговорност. За пратениците од СДСМ нема политичко дно што не се подготвени да го допрат – рече Крмов.

Само партискиот „морал“ може да го спаси Џафери

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот