Џафери молчи за предлогот една изборна единица

Талат Џафери
Талат Џафери / Фото: МИА

Од кабинетот на претседателот на Собранието до затворањето на весникот, немаа одговор за писменото барање на помалите партии. Неофицијално, Џафери чека да помине седницата за избор на новата влада викендов и потоа се очекува тој да се произнесе за барањето на малите партии.

Молк од претседателот на Собранието Талат Џафери дали воопшто има намера да ја свика седницата за измени на Изборниот законик во делот на изборниот модел откако помалите партии од власта со писмо побараа првиот парламентарец по речиси една година откако ги поднеле измените, конечно Собранието да почне со расправа на таа тема.

Иако помалите партии се заканија дека во март ќе ја урнат владата ако Џафери ги игнорира, сепак, според информации на „Слободен печат“, целта е да се изврши притисок врз големите партии за промена на изборниот модел и дека помалите коалициски партнери тешко дека ќе се решат да  предизвикаат политички земјотрес со предвремени парламентарни избори.

Од кабинетот на Џафери до затворањето на весникот немаа одговор од претседателот на Собранието за барањето на помалите партии. Неофицијално, Џафери чека да помине седницата за избор на новата влада викендов и потоа се очекува тој да се произнесе за барањето на малите партии.

Условот за поддршка е до март да се донесе законот

Помалите коалициски партии ЛДП, ДОМ, ДС, ВМРО-НП и партијата на Турците очекуваат по изборот на новата влада Џафери на координација да покани нивен претставник и да тргне работата со измените на Изборниот законик. Петте партии, потписнички на писмото, бараат Македонија да стане една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без изборен праг.

Партиите првично се заканија дека услов за поддршка на владата на мандатарот Димитар Ковачевски е изборниот модел да биде дел од владината програма и откако тоа изостана, сега условот е до март да се донесе законот, во спротивно ќе ја напуштат владата.

– Поддршката за новата влада ќе биде условена. Инсистираме во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик. Ако во тој период не се донесат измените, тоа значи дека нашата поддршка нема да продолжи и со тоа ќе се предизвикаат предвремени парламентарни избори. Ова не е уцена, туку принципиелен став изграден поодамна, познат и промовиран во повеќе наврати – изјави претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Во разговор за „Слободен печат“ дел од потписниците велат дека е невозможно до март да се донесат измените на Изборниот законик. Тие сметаат дека е добро да почне расправата во Собранието, за изборниот модел да се отвори широка јавна дебата и до крајот на годината да финишира изменетото законско решение. Тие велат дека ништо нема да постигнат ако ѝ откажат поддршка на владата. Прво, затоа што на избори ќе се оди повторно со моделот на шест изборни единици. Второ, и да ја урнат владата, ќе остане дилемата со кого да коалицираат за изборите: со власта која ја урнале или со ВМРО-ДПМНЕ која може ќе им вети промена на изборниот модел, а потоа нема да ја реализира.

Балковски: Расправа за да ги видиме позициите на „големите“

– Не сакаме тоа да се сфати како услов од помалите партии дека, еве, поголемите нешто нам ни даваат, туку целта е демократизација на општеството. Сметам дека и ако нема консензус, Џафери треба да ја свика седницата, да почне расправата и да се гласа. Така ќе биде јасна политичката ситуација, односно кои се позициите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ за промена на изборниот модел. Тоа ќе биде и наш аргумент пред ОБСЕ кои партии се за демократизација на општеството – вели за „Слободен печат“ пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП.

И претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин вели дека е важно да почне расправата во Собранието.

– Многу важно е да се отвори дискусија во Собранието. Да има јавна расправа, и ако не се постигне консензус, да видиме кои партии се против измена на изборниот модел. Добро е што во владината програма е наведено дека треба во Изборниот законик да се внесат и препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Оваа година не се планирани избори, па има време да се дебатира за изборниот модел и до крајот на 2022 да се донесат измените – вели Морачанин.

ДУИ: Не прифаќаме уцени

Откако помалите партии како услов за новата влада го поставија барањето  за измена на изборниот модел, ДУИ веднаш им порача дека не прифаќа уцени и дека за измени на Изборниот законик потребен е консензус, додека ВМРО-ДПМНЕ побара прво да се усогласат владините партнери и порача дека за нив е прифатлив секој предлог што ќе ги зголеми демократските стандарди во земјава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот