Џафери: Да ја чуваме татковината и да делуваме сите заедно и сплотени во иста насока

Претседателот на Собранието Талат Џафери со видео обраќање Фото: Screenshot/YouTube

На патот на нашето растење и созревање, воедно и опстојување како држава, се соочувавме со многу предизвици кои не научија дека еднаш добиена држава, не значи и засекогаш гарантирана држава, напротив, значи дека секој нов ден е благослов, и дека секој нов ден е можност и шанса да научиме повеќе за тоа како да живееме заедно, да мислиме исто, да ја чуваме татковината и да делуваме сите заедно и сплотени во иста насока, токму така како што и се очекува од одговорни граѓани, храбри политичари – визионери, кои знаат во секој миг што е најдоброто за иднината и опстојувањето на земјата, истакна претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери во видеобраќањето по повод Денот на независноста.

Убеден сум, потенцира тој, дека и покрај големите предизвици низ кои поминавме, имаме сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија, и каков дом посакуваме и градиме за нашите граѓани.

-Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија, истакна претседателот на Собранието. Да градиме општество во кое сите ние, сега и во иднина ќе се чувствуваме рамноправни, почитувани, еднакви пред законот и правдата, едноставно, ќе се чувствуваме свои на своето, затоа што сите заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во држава во која почитувањето на човековите права и слободи е природно и универзално право без преседан. Заедно ќе се радуваме и ќе плачеме за сите победи и порази, за сите блескави и не толку блескави моменти, затоа што тоа е да бидеш едно, тоа е да бидеш заедно, порача Џафери, кој присуствува на Светската конфернција на претседатели на Парламенти во Виена.

Вечерва, посочи тој, одбележуваме исклучително значаен јубилеј, полни триесет години од историската вечер кога со прогласувањето на резултатите од референдумот на 8 септември 1991 година.

-Граѓаните гласаа за слободна, независна, суверена држава, а нашите колеги од тој пратенички состав, ја ставија на хартија и во живот таа одлука со која се потврди илинденскиот и асномскиот континуитет и се потврди желбата за независна, суверена држава, признат меѓународен субјект и рамноправен член на заедницата на народите, од ова место, пред законодавниот дом, кога претседателот Глигоров се обрати пред собраните граѓани упатувајќи честитки за храбрата и решителна одлука, не сум сигурен дека насобраните беа целосно свесни за преземениот храбар чекор, за големината на тој чин, за тоа дека всушност, се тргнува на еден долг, неизвесен и непредвидлив пат, пат за кој некој би рекол дека се потребни подготовки, некој би рекол дека не е уште време, а трети би рекле дека е преопасно да се тргне, меѓутоа во едно сум сигурен, ниту народот, ниту тогашното водство немаа никаква дилема, ниту трошка сомнеж дека ја прават вистинската работа и го преземаат нај природниот чекор за државата, за граѓаните, за младите и децата-иднината на Републиката, посочи претседателот на Парламентот.

Џафери рече дека многу води протекле од таа историска вечер, дека понекогаш јасно ја гледавме иднината на земјата, понекогаш, беше тешко да се најде светлото на крајот на тунелот, да се плови по поројната река и во темнината да се најде безбедно засолниште, цврст темел и мирни води, без бранови, за мирен сон на нашите деца.

Навраќајќи се на минатите години Џафери рече дека 2001 година беше тежок предизвик, но оти се надмина со потпишување на Охридскиот рамковен договор кој оваа година бележи полни 20 години и кој беше основа за трансформација во функционално мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество, држава на рамноправни граѓани во која се почитуваат индивидуалните и колективните човекови права, дом еднаков за сите граѓани, без разлика на етничката, верската, родова и каква било друга припадност, позитивен пример за регионот и светот.

Како огромен успех го оценува нашето членство во НАТО, а за нашето членство во ЕУ рече дека се наоѓа повторно во статична точка.

-Остварувањето на полноправното членство во воено-политичкиот сојуз на НАТО е огромен успех, кој што воедно значи и безбедност на нашите граѓани и на територијалниот интегритет. Тоа го постигнавме со Преспанскиот договор со кој храбро и мудро го надминавме деценискиот спор и излеговме од анахроните балкански рамки, преобразувајќи се во фактор на стабилност во нашиот симптоматично сензитивен регион, рече Џафери.

Нашата втора стратешка цел, почнувањето на преговорите за членство во Европската унија се наоѓа, како што потенцира, повторно во статична точка за која изразува надеж дека во периодот што следи ќе има поместување во позитивна смисла и ќе можеме да учествуваме на првата меѓувладина конференција со Европската Унија.

Џафери се осверна и на актуелната пандемија со Ковид-19, посочувајќи дека тоа е глобална опасност што се надвиснала над целиот свет, која предизвика огромни човечки и материјални загуби, и при тоа, го промени целокупниот начин на живот и функционирање на целото човештво.

Видео на денот