Двојно поевтините давачки – заштеда за побогатите

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Регистрацијата беше запрена на 21 јуни, иако на едно место во Законот стои тој датум, а на крајот стои дека рокот е до крајот на годината?! Граѓаните прашуваат дали шансата беше наменета само за оние што имаат поскапи возила со еуро-4 стандард и кои можеа навреме да ги одјават табличките и да ги платат давачките

Безмалку 4.600 сопственици на возила со странски регистерски таблички го фатија рокот и успеаја да добијат македонски таблички за двојно помала сума. Од нив 3.265 се со бугарски таблички, информираа за „Слободен печат“ од Царинската управа на Македонија. Вкупно се наплатени 400 милиони денари (6,5 милиони евра) како увозни давачки.

Иако нема официјална бројка за тоа колку вакви возила има во државава, оптимистички се најавуваше дека од оваа операција во Буџетот ќе се слеат до 25 милиони евра. Пред да ја почнат постапката на увозно царинење, сопствениците требаше да проверат во центрите за хомологација дали ги исполнуваат условите за регистрација.

Како што во неколку наврати пишуваше „Слободен печат“, од станиците за технички преглед беа децидни дека најголемиот број автомобили ќе немаат можност за поевтина регистрација, бидејќи не ги исполнуваат стандардите. За нив судбината е да се продадат во некои од отпадите за старо железо, бидејќи не смеат да се возат нерегистрирани.

Дел од граѓаните се разочарани што не можеле да го фатат рокот, бидејќи навреме не успеале да ги одјават табличките во земјата од каде што ја купиле колата. Засега нема најави дека рокот ќе се пролонгира. Се укажува дека законот бил нејасен. Регистрацијата запре на 21 јуни, иако на едно место во Законот стои тој датум, а на крајот стои дека рокот е до крајот на годинава?!

– Рокот за регистрација треба да се продолжи, останавме затечени. Царината на почетокот на јуни извести дека ќе прима барања само до 21 јуни. Од Владата рекоа дека двојно поевтината регистрација ќе трае една година. Излезе дека пак заштедија побогатите и побрзите – односно оние што купиле поскапи возила со еур4 стандард и кои можеа навреме да ги одјават табличките и да ги платат давачките – велат граѓаните.

Од Царината, информираат дека немаат сознанија за пролонгирање на рокот.

– Царинската управа нема сознанија дека се бара царинење по истекот на законскиот рок предвиден во Законот за регистрација на возила со странски регистерски таблички на територијата на државата. Што се однесува до рокот на продолжување за пререгистрација, ние немаме надлежност да одлучуваме за тоа прашање – ни одговорија од Царината.

Двојно поевтината регистрација на возилата со странски таблички, беше најавена кон крајот на минатата година, а премиерот Зоран Заев рече дека легализацијата на овие возила ќе биде еден од изворите за финансирање на дефицитот на годинешниот буџет.

– Со оваа мерка ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила во сообраќајот и приход на средства кон буџетот и домашната економија во висина од 25 милиони евра – информираше тогаш Владата.

Специјалниот закон за регистрација на возилата со странски таблички за половина од вредноста на сите давачки, почна да се применува од 22 јануари годинава, кога се донесоа сите подзаконски акти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот