Двојно поевтини давачки само со ЕУР4, другите во старо железо

Фото: МИА

Најголемиот дел од возилата со странски таблички, тешко дека ќе се пререгистрираат, бидејќи не ги исполнуваат условите, односно не се со ЕУР4 стандард. Од проверката која „Слободен печат“ ја направи на терен, излегува дека повеќе се возат автомобили со ЕУР3 стандард (произведени од 1997 до 2000 година), а тие немаат шанса да ја искористат можноста за двојно поевтина регистрација.

На сопствениците на ваквите автомобили им останува или да го вратат возилото од каде што го купиле (Бугарија), да го продадат за резервни делови или да го фрлат на отпад за старо железо. Упатените велат дека дел од граѓаните се надеваат дека надлежните ќе ретерираат и сепак ќе овозможат да се пререгистрираат, иако возилата им се стари и по 20 години!? Од разговорите со вработените во станиците за технички преглед во Струмица, Битола и Крива Паланка, дознавме дека има интерес за оваа операција, а некои граѓани, веќе ја искористиле можноста со двојно поевтини давачки да добијат македонски таблички.

-Има интерес меѓу граѓаните, но за жал поголемиот дел од возилата не ги исполнуваат условите за да може поевтино да се регистрираат. Доаѓаат, прашуваат и се надеваат дека Владата ќе го смени законот и ќе дозволи пререгистрација на возила со ЕУР3 стандард. Ако не се случи тоа, ќе мора да ги вратат од каде што ги купиле, или пак да ги продадат за резервни делови. Крајна опција се отпадите – велат за „Слободен печат“ од Авто сигурност Струмица.

Законот укажува дека сите возила, најмалку со ЕУР4 стандард, кои заклучно 1 октомври 2020 година влегле во земјава и се со странски регистарски таблички ќе можат во рок од една година да се регистрираат, со намалени давачки за 50 отсто, кои се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи.

Набројувајќи, како годинава ќе се полни Буџетот, премиерот Зоран Заев, ја најави легализацијата на странските возила, со првични пресметки, дека по овој основ ќе се соберат околу 20 милиони евра. Нема точна бројка на возилата кои во моментот се возат со странски таблички, претежно бугарски, но неофицијално најголемиот дел се во Источна Македонија.

Законот стапи на сила на 11 јануари, но за Правилникот беа потребни уште дваесет дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот