Две татковини во ист кош

Кон крајот на месецот би требало ЕУ да разгледа како ќе изгледа патувањето за земјите надвор од друштвото. Значи и за тука и за таму. За моите две татковини. Односно за главната, но од овој месец и за оваа тука, која не ми е татковина по татко, но во која сум, па, веќе подолго време, и не ми е лошо. Ќе чекаме ли?

„Исто и кај нас“, е она кое што почнав сѐ почесто да го слушам во последно време. Најтазе беше со колешката Крис, во разговорот за „Слободна ТВ“, каде што зборувајќи за  случувањата во Обединетото Кралство, таа прокоментира нешто во стилот – па исто… само што ние сакаме и се мачиме за влез во Европската Унија, а вие сакавте и се мачите за надвор.

Долго време се противев, прво во себе, но потоа и гласно кога луѓето ќе правеа споредби меѓу таму и тука, зашто најчесто ми личеше на „баби и жаби“. Ама дојде време кога светот навистина стана глобално село и кога и „таму и тука“ станаа во некои работи, па, слични, така што бабите и жабите сега имаат, да се разбереме -не секогаш, но понекогаш – некои допирни точки. Но, да се разбереме, само во  некои.

Ете, на пример, вакцините. Дали ќе се вакцинираме? Најголемиот број тука велат – да. Околу 80 отсто. Што велат другите и зошто се мислат? Некако брзо дојдоа до вакцина, велат, последиците од вакцината можат да бидат полоши од самата вакцина, велат, сакам прво да видам повеќе луѓе вакцинирани, велат, па потоа јас. Плус, во рамките брегзит кампањата – купувајте домашни производи, некои чекаат оксфордската вакцина да стане доминантна (сега не може да се бира, туку е „ко му иде“). Исто така, според истражувањата, луѓето се поприемчиви на идејата на вакцинирање ако тоа значи дека ќе можат послободно да се движат, не само низ земјата, туку и надвор, односно да патуваат. Помина времето на „малите Англичанчиња“ кои седеа дома, сега луѓето наголемо патуваат, па идејата за имунитетски пасош има големи шанси да стане реалност. Да се патува во Шпанија, Франција, за пензионери, на островите за одмор и уживанција, да се скокне до Маврициус… Малку за одмор, повеќе за бизнис – одете до Пунџаб и ќе најдете еден постколонијален Англичанец со наочари на носот и вратоврска како на плус 40 ги обучува домашните во кол-центрите, а друг во Пекинг како преговара за нов контингент полупроизводи од различни видови, најчесто, па, производи, за да се допроизведе тука.

Следејќи ги медиумите, и онлајн и другите во главната татковина, таму, гледам дека состојбите и коментарите се слични. Освен што таму не се чека домашна вакцина, главно од причина што ја нема. А патувањето, за бизнис, но и за шопинг и уживанција, во Солун, на пример, има големи шанси да ги вакцинира и најтврдокорните. Е сега, за да не влеземе во филм за „истото“ или „сличното“, морам да ги вратам малку бабите и жабите… чисто онака за отрезнување. Ете, на пример, тука опозицијата ја поддржува владата во активностите околу вакцинирањето, помага да се надмине ситуацијата, критикува неправилности околу тендери и набавки, но помага, неверојатно многу помага да се надмине пандемијата. Чувство на солидарност и државност во тешки мигови. Таму, како?

Капи од алуминиум

Се разбира, тука се и троловите. На социјалните медиуми. За нив нема граници. И тука и таму и насекаде. Според истражувањето на тукашната „89ап“, агенција за социјални медиуми која го откри врските  помеѓу Кремљ и обидите за влијание врз кампањата за ЕУ-референдумот, биле користени ботови за да се засилат дезинформациите и да се охрабрат луѓето да не се вакцинираат. Владини безбедносни извори тука, покрај Русија, ги спомнуваат и Кина и Иран. За среќа, кај мал дел од популацијата, но сепак, се вртат теориите  за „чипови во вакцините“ кои ќе ги направат луѓето, од тоа да светат светло зелено, до неплодни. За несреќни, ништо не кажуваат. Не сум гласноговорник на ниту една фармацевтска компанија. Факт е дека тие заработуваат со вакцините. Но, тоа е така со вакцините кои штитат од болести за кои медицината нема лек. И со лековите кои – лекуваат. Она што недостасува е комуникација. Разговор. Објаснување. Од релевантни личности од доверба. Зашто, сосема е во ред луѓето да се загрижени и од искуство ја знаат лековитоста на супата од домашна кокошка и  маслото од кантарион, ама за оваа вакцина сега прв пат слушаат и – ги плаши. Посебно кога се седи дома затворен, кога главните вести се зголемувањето на бројот на заразени, преполнетите болници, затворените граници, безработицата и климатските промени. Оние со алуминиумски капи на главите можеби никогаш со ништо нема да бидат убедени, но најголемиот број ќе ценат точни и транспарентни информации. Заминувањето на Трамп, во ваква ситуација, е само плус.

Бах и Јована

Кон крајот на месецот би требало ЕУ да разгледа како ќе изгледа патувањето за земјите надвор од друштвото. Значи и за тука и за таму. За моите две татковини. Односно за главната, но од овој месец и за оваа тука, која не ми е татковина по татко, но во која сум, па, веќе подолго време и не ми е лошо. Ќе чекаме ли? Ќе чекаме. Како сите, така и ние (уф, колку ова звучи балкански… можеш да го извадиш човек од Балканот, но никако Балканот од човек). Сме се изначекале и пред Шенген, и тука и таму, пред амбасади и конзулати, за визи и за документи, и сега ете, кругот е затворен, ќе чекаме пак, и што е, тоа е – нема поминување таму кај „EU &EEА& CH“, туку како и сите други. Во прво време нема сендвичи со шунка и кашкавал, само пржени лепчиња, ама сме се снаоѓале. Не еднаш со „покер фаца“ сум внела деликатеси главната татковина. Имам повеќегодишно, докажано и потврдено искуство. И една опомена во пасошот. Оној британскиот.

За оние кои имаат обичај „да се тешат“ со неволјите на останатиот свет, а ги има, ги има, и ние и вие и тие – да сме живи и здрави, како што секогаш велеше баба ми Вероника. Секогаш ќе има понекоја сличност, а ќе има и разлики. Мали сличности и големи разлики. Ама нели има нешто  кога ќе се каже – еј, и кај нас го има ова, а далечина илјадници километри.

Во неколку цркви и катедрали, меѓу кои и онаа во Кентербери, се врши вакцинирање. За да биде атмосферата порелаксирана, во позадина оди прекрасна музика од Ј.С. Бах. Замислете да има  „Да се смириш, ти езеро мое“ додека вакцинираат во Свети Стефан? Или „Јовано, Јованке“ за чекачите пред „Свети Димитрија“?  Е па, ајде, да живнеме малку. Да се размрдаме. Да се раздвижиме. Да се забележува кога се насмевнуваме под маските. Па, се гледаме некаде на некоја ЕУ-граница, во иста редица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот