Две скулптури од Жарко Башески се изложени во Кралската палата во Милано

На изложбата во Милано скулпторот Жарко Башески е претставен со делата „Вон...“ и „Автопортрет 1“

Македонскиот скулптор Жарко Башески со две свои дела е претставен на интернационалната концептуална изложба „Корпус домини“, која од 27 октомври е отворена во Кралската палата во Милано и ќе трае до 30 јануари 2022 година.

Изложбата „Корпус домини“ е во организација на Кралската палата и градот Милано, а резултат е на заедничката работа на уметниците, музеите, фондациите, архивите, галериите и колекционерите од Италија и од други земји со цел да понудат преиспитување на концептот на човештвото по шокот и пресвртот предизвикан од ковид-19.

Кураторка на изложбата е реномираната италијанска историчарка на уметноста Франческа Алфано Миљиети. Насловот на изложбата „Корпус Домини: Од глорифицираното тело до урнатините на душата“ се однесува на исчезнувањето на „вистинското тело“ во корист на „телото на спектаклот“.

– Границата помеѓу реалното и имагинарното сѐ помалку е препознатлива, до точка на апсорпција на реалноста на екран, што се покажува со опсесивното присуство на екраните во нашите животи: рамните екрани на телевизори и компјутери, видеоигрите, паметните телефони – пишува кураторката, која истакнува дека екранот ја брише дистанцата помеѓу гледачот и гледаното и нѐ повикува да се претопиме во него.

Скулпторот Жарко Башески е познат по делата изработени во хиперреалистичен манир, а за изложбата се селектирани неговите скулптури „Вон…“ и „Автопортрет 1“. На изложбата се претставени 111 дела од 34 уметници од светот и вистински икони на современата уметност, како Јозеф Бојс, Кристијан Болтански, Чен Жен, Франко Б., Оскар Муњоз, Јосип Кошут и други.

Нивните дела се презентирани на 1.000 квадратни метри изложбен простор. Тие главно прикажуваат нови форми на претстава во современиот свет, фокусирајќи се на историскиот премин од живото тело како протагонист на тело на уметноста до обновеното тело на хиперреализмот, променливите естетски канони на репрезентација и моќното евоцирање на поединецот преку трагите што тој ги остава зад себе.

Лајтмотив на изложбата е кризата на сетилното искуство предизвикана од појавата на културата што нуди совршени и модифицирани тела, тела што се повторно замислени и репроизведени, а со тоа во суштина и лажни, истакнато е во соопштението за изложбата во Милано.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 103, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот