Две ползи од бугарското вето

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Првата полза од бугарското вето е што можеби конечно ќе нè разбуди од упорното сонување на некоја Европа што веќе долги години не постои. И, доколку навистина се разбудиме, што ќе ни овозможи да ги протриеме очите и да ја согледаме повеќекратно изменетата стварност, ниту налик на онаа дамнешната во која почнавме да го сонуваме сонот.

Елем, вака оди вицот. Доаѓа Мујо целиот возбуден, како тукушто да сознал голема тајна, и целиот гори да ја сподели. И, му приоѓа на другар му Хасо, му се втурнува доверливо во фаца, и со полушепот и ѕиркање преку рамо го прашува: постои ли нешто, Хасо, што е многу полошо за Македонија отколку што е тоа подлото фашисоидно големобугарско вето за отворање на вратата во европскиот Замок? Хасо врти со очите и со тап израз на лицето му враќа: не знам, вели, Мујо, ама ај, житисенајмило, кажи ми, ако знаеш? Тука Мујо важно и поучно, со триумфално поткренати веѓи и кренат показалец, ја открива тајната на македонскиот апсурд, и гласно му шепнува на Хасо, вели: еее, многу, многу полошо за Македонија од подлото големобугарско вето е Бугарија уште порасипано да го повлече ветото и да ја припушти Македонија во бескрајните ходници на европскиот Замок!

Како што веќе забележавте, почитувани читатели, ова воопшто не беше виц, туку мој очаен обид со злоупотреба на апсурдниот свет на Мујо и Хасо да ви ја прикажам парадоксалноста на македонскиот евроинтеграциски миг, во која во околностите во кои се наоѓаме, најдоброто нешто што ни се случило е токму бугарското вето! Како, ќе речете, па што може да има добро во насилното, назадното, уценувачкото и крајно агресивно бугарско вето, што ни го препречи тридецениското патување и ни го уништи толку сонуваниот европски сон?

Првата полза од бугарското вето е што можеби конечно ќе нè разбуди од упорното сонување на некоја Европа што веќе долги години не постои. И, доколку навистина се разбудиме, што ќе ни овозможи да ги протриеме очите и да ја согледаме повеќекратно изменетата стварност, ниту налик на онаа дамнешната во која почнавме да го сонуваме сонот. Зашто, кога премногу долго сонуваме еден ист сон, со самото свое повторување тој полека, но несопирливо, станува кошмар. Од друга страна, тоа итеративно одгледување на рајска слика која можеби некогаш постоела, ни обезбедува сигурно одвојување од нашата единствена стварност, што за разлика од скаменетиот сон, бесно се менува, со фучење и дување, громови и молскавици, порои и свлечишта. Во таква динамична, променлива и насилна реалност, заспаниот не може да очекува ништо освен несреќа.

Предностите на осознавањето на реалните состојби на теренот можеби најдобро ги објаснува Сун Ѕу, авторот на веројатно најдобрата и најстара книга за војувањето, кој бил можеби првиот што ја сфатил динамичноста на војувањето – која е иста како и променливоста на политичките состојби – во која планирањето не може да биде статично, во форма на фиксен план или список на чекори. Статичното планирање е можно само во непроменливи или предвидливи околности, додека во стварниот живот, во војна или во мир, планирањето мора да биде динамично колку и околностите што сака да ги совлада. Зашто, во меѓусебно спротивставени и компетитивни околности единствената успешна стратегија е онаа што може да дава брзи одговори на непредвидливите промени на ситуацијата. Со еден збор, најуспешниот план е оној што може да се менува соодветно на менувањето на состојбите на теренот. Пораката од пред 2500 години е повеќе од јасна: крајно е време Македонија да го смени својот безалтернативен план за интегрирањето во Европската Унија.

Пред 30 години Македонија беше во сосем друга состојба отколку денес. Републиката што се роди и процвета во југословенската федерација која ѝ обезбедуваше апсолутно идеални услови за развој и беспримерни гаранции за безбедност, наеднаш се стекна со независност, но и со меѓународно непризнавање и егзистенцијална несигурност. Таквата ситуација ја оправдуваше безалтернативната стратешка определеност земјата што поитно да влезе во заедница со европските нации и да му се придружи на најмоќниот воено-политички сојуз на светот.

Денес, меѓутоа, кога македонската држава е широко признаена во светот и кога е и членка на НАТО, безалтернативниот план за зачленување во Европската Унија веќе се покажа повеќе како пречка отколку како предност за развојот и на нашите надворешнополитички, но и за внатрешните состојби. Тоа стана веќе болно очигледно кога Бугарија го злоупотреби консензуалниот механизам за одлучување за почетокот на пристапните преговори со Унијата и го стави своето вето на нашата интеграција во Европската Унија.

За мотивите за своето вето бугарската влада го напиша својот славен „Објаснувачки меморандум“ и го испрати до владите на сите членки и органи на Унијата. За содржината на меморандумот пишував повеќепати и мислам дека е губење време и нерви човек и да го отвори тоа невидено фашисоидно просерување, а не пак повторно да дебатира со него. Едно сепак морам да истакнам: меморандумот е искрено четиво во кое Бугарите ги искажаа сите свои ставови за „македонското прашање“, и жалам што сè уште во Македонија не го добил заслужениот публицитет и јавност. Не е доцна тоа поучно четиво да се отпечати како подлисток во сите дневни весници во земјава, да се закачи на сите портали, да се испрати како ПДФ-документ до сите корисници на интернетот и да се објави и на уличните огласни инсталации.

Ветив дека нема да зборувам за меморандумот, но не издржав. Накусо, во него се тврди дека македонска нација, култура и јазик не постојат и никогаш не постоеле, зашто станува збор за бугарска историја, култура, народ и јазик, што проклетите Титови комунистички партизански бандити со геноциден инженеринг вештачки ги претвориле во македонска нација, култура и јазик, и така ги откраднале од бугарската матица. За Бугарија „македонскиот проблем“ започнал кога Хитлер ја загубил војната, а дотогаш се си било на место: постоењето на целокупна Блгарија во чијшто состав била и територијата на Македонија – со која тие домаќински администрирале – бил и сè уште е за нив единствениот природен ред на нештата. Во меморандумот вулгарно и агресивно се искажуваат непријателски ставови и територијални аспирации, за коишто во замислени нормални меѓудржавни околности нашиот единствен соодветен одговор би морало да биде прекинување на дипломатските односи со Бугарија и стопирање каква било политичка комуникација, а за преговори да не стане ни збор. Но, ние бевме помудри од тоа и цели три години се обидувавме со разговори и преговори – иако станува збор за нешта за кои ниту една држава на светот не преговара! – да постигнеме некаков компромис што ќе ни го обезбеди симнувањето на бугарското вето. Но, попусто.

И сега сме во ситуација којашто Мујо му ја шепна на Хасо на почетокот на ова мачно писание, имено, да ја сфатиме втората предност од бугарското вето. Да сфатиме дека повлекувањето на ветото – во услови кога Бугарија своите чудовишни фашисоидни големобугарски барања ги вгради во рамките за преговори со Унијата – ќе ни направи многу поголеми штети отколку да се откажеме од членството во Унијата. И, ослободени од бугарското перверзно бревтање во нашиот врат, да побараме алтернативни начини за поврзување со европските нации. Во бескрајните преговори со Унијата во кои Бугарија ќе има пресуден збор во секое поглавје, Македонија може само да изгуби, и тоа да се изгуби себеси. На Бугарите не им требаат ни Гоце ни Самоил ни бутур… зашто единственото што тие го сакаат е повторно да администрираат со Македонија!

На Европската Унија, се разбира, држејќи бело марамче во раката, треба да ѝ пратиме објаснувачки меморандум и да ѝ објасниме дека додека самата не го реши „бугарскиот проблем“ со сопственото проширување, ќе ја повлечеме нашата кандидатура или ќе сметаме дека таа е во мирување. Можеби тогаш Европа ќе разбере дека бугарските уцени не се „билатерални спорови околу историјата и идентитетот“, туку еднострана бугарска егзистенцијална загроза на суверенитетот и интегритетот на Македонија. А, егзистенцијата за членство не се жртвува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот