Две награди за филмот „Вера сонува за морето“ на филмскиот фестивал во Венеција

Екипата на филмот „Вера сонува за морето“ на црвениот тепих во Венеција

Првиот долгометражен игран филм „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи, реализиран како копродукција помеѓу Косово, Албанија и Македонија, со поддршка од Агенцијата за филм на РСМ, светската премиера ја имаше на 8 септември на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција, а оттаму се врати со две награди.

Филмот „Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик, која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и со државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив. Во филмот главната улога е Вера, која ја игра актерката Теута Ајдини-Јегени.

– Живеам во една мала чудесна земја, каде што невозможното станува возможно. Каде што далечината е блиску, каде што желбата станува реалност, каде што сонот станува јаве. Немојте да престанете да сонувате! Мене ми се оствари желбата да бидам дел од одлично сценарио, а и да стапнам на црвениот тепих – изјави Теута Ајдини-Јегени на прес-конференција во Скопје пред филмската екипа да замине во Венеција.

Улогата на нејзиниот сопруг во филмот ја игра актерот Рефет Абази. Младата режисерка Калтрина Красниќи, за која ова е прв долгометражен филм, соработува со сценаристката Дорутина Баша, која по потекло е од Дебар, и со кинематограферката Севдије Кастрати. На филмот работи голема екипа од Македонија, а меѓу нив се монтажерот Владимир Павловски, снимателот на звук Игор Поповски, како и дизајнерот на звук Дарко Спасовски – Пацки. Композитор на музиката за филмот е познатиот гитарист Петрит Чеку.

Македонија е застапувана од продуцентската куќа „Дрим фектори“, а копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ. Снимањето на филмот се одвивало на локации во Косово и во Албанија, додека монтажата и постпродукцијата била направена во Македонија. Филмот влезе во официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во Венеција, во категоријата „Хоризонти“, и третира женска тематика која, всушност, е една од носечките елементи на овогодишното издание на фестивалот.

– Со ова учество на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција на некој начин ја заокружуваме филмската фестивалска година, која и во вакви турбулентни времиња ќе важи за многу успешна година. Новиот филмски бран, продолжува, а го обележуваат дебитанти, млади автори и што ми е особено драго – сѐ повеќе женски автори. Драго ми е што Агенцијата за филм го препозна овој копродукциски проект, прв долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи, со кој се надевам сите ќе се гордееме – изјави директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски.

Интернационалниот филмски фестивал во Венеција се одржа од 1 до 11 септември 2021 година. Филмот „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи ги освои „Inclusion Edipo Re Award“ и Наградата за женски авторки под 40 години.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот