Две македонски партии ќе ги бојкотираат изборите во Србија?

Во Србија денеска се одржува референдум за измени на Уставот во делот што се однесува на правосудството, Фото: Профимедиа

Ако не се смени Законот, Партијата на Македонците во Србија ќе организира и протести поради измените во Законот, со кои, според лидерот на партијата Горан Илијевски, им се „дава политичка и цензорска улога на т.н. совети за национални малцинства“.

Две од трите македонски политички партии во Србија се подготвуваат да ги бојкотираат парламентарните и локални избори, закажани за 26 април. Двете партии се незадоволни од измените во Законот за избори што беа донесени пред неполна седмица, а со кој им се дава политичка и цензорска улога на т.н. совети за национални малцинства.

Според бројот на признатите малцинства, во Србија се формирани 23 такви национални совети, кои се избираат интерно, од партиите на малцинствата.

Доколку се остварат најавите, тоа би било првпат претставници на македонското малцинство во Србија на ваков начин да покажат јавно несогласување со официјалната политика кон малцинствата кај нашиот северен сосед.

– Ако не го сменат Законот, ќе протестираме и ќе ги бојкотираме изборите – најави лидерот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски. – Ние не можеме да ја смениме власта во Србија, малку сме, но нè интересира нашиот Национален совет на Македонците.

Според Илијевски, со измените во Законот за избори, донесени како што вели без јавна дебата и по скратена постапка, се предвидува Републичката изборна комисија на Србија да може да побара мислење од Националниот совет на Македонците, за тоа која партија навистина е партија на македонско национално малцинство. Тоа на Советот му дава улога на цензор, зашто одлучува која партија да учествува на изборите под привилегирани услови, односно да не мора да исполни цензус од три проценти за да влезе во власта, на државно ниво, во Парламентот, или на локално ниво, сеедно.

Иако Партијата на Македонците од овластен државен орган е регистрирана како партија на национално малцинство и со тој статус веќе учествувала на избори, сега таа партија може да се најде во позиција да ѝ биде оспорен статусот од страна на Националниот совет.

Одлуката за бојкот сè уште не е донесена

Одлуката да ги бојкотираат изборите, заедно со Демократската партија на Македонците во Србија, сè уште не е донесена, но речиси сигурно ќе има бојкот.

– Апсурд е Републичката изборна комисија да бара мислење од Националниот совет на Македонците за автентичноста на статусот на нашата партија и на малцинската листа. Поради нефункционалноста и многуте неправилности во работењето на овој Совет, како и поради нелегитимноста на изборот на Советот, нашата партија не го признава. Ние баравме целосна ревизија за неговото финансиско работење. Нонсенс е таков Национален совет, кој со закон е деполитизиран, да носи мислење дали сме партија на македонско малцинство или не. Со тоа остварува политичко влијание на изборниот процес. Апсурдно е на претходните избори да сме биле партија на национално малцинство, а на овие да не сме – вели Илијевски.

Во Србија, според последниот попис има повеќе од 22.000 лица што се декларирале како Македонци, а се претставени преку три партии. Досега немало поголеми недоразбирања, иако имаше превирања при изборот на овој состав на Националниот совет кој, според Илијевски, е контролиран од владејачката партија.

– Иако од 2004 година има закон за заштита на правата на малцинствата, за 15 години соодветната комисија не заседавала ниту еднаш, иако требаше да се среќава секоја година за да разгледува актуелните случувања. На пример, проблемот што во училиштата предаваат наставници што не го владеат добро македонскиот јазик – вели Илијевски.

Примерот на Црна Трава

Во јавноста во Србија повеќе внимание привлече намалувањето на цензусот за влез во парламентот од 5 на 3 проценти, бидејќи тоа ќе доведе до негова фрагментација, па според некои оценки во некои изборни единици за да биде некој избран за пратеник доволно е да гласаат за него само роднините, како, на пример, во Црна Трава каде што со 31 глас ќе се избира пратеник.

Лидерот на Бошњачката партија Муамер Зукорлиќ го опиша тоа најпластично.

– Значи, две партии го контролираат Националниот совет на Бошњаците и јас треба да се појавам на тој шалтер и да барам дозвола од нив да излезам на избори под одредени услови. Замислете си каква трагикомедија ќе биде тоа – изјави тој за новиот закон.

Иако објаснувањето за измената е да се спречат злоупотребите околу малцинствата, начинот на кој влегуваат во парламентот и фондовите што ги користат, повеќето во тоа гледаат поличка игра. Претставник на една од унгарските малцински партии оцени дека оваа одредба станува „лизгав терен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот