Двата историски Илиндена се чествуваат во Србија

Македонското национално малцинство во Србија денеска го прославува Денот на Републиката – 2 Август, 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ.

Според српските закони, 2 Август е државен празник за македонското национално малцинство во Србија и е неработен ден, со можност за негово одбележување.

Чествувањата на големиот празник на македонската борба за слобода, независност и државност почнаа синоќа во Педагошкиот музеј во центарот на Белград, со концерт на Ансамблот „Македониум” и со пригодни говори за значењето на двата историски Илиндена.

Меѓу присатните гости беше и познатиот македонски писател и директор на издавачката куќа од Србија НИУМИЦ, Виктор Шеќеровски. Тој истражувајќи за учество на Србите во Илинденското востание, откри малку познат податок кој говори за поврзаноста и пријателството меѓу српскиот и македонскиот народ.

– Вековното пријателство меѓу македонскиот и српскиот народ датира одамна. Еден од примерите за тоа е и големиот српски добротвор и културен реформатор Лука Ќеловиќ, кој заедно со познатиот доктор Милорад Гоѓевац, во 1903 година во Белград, организирале и подготвиле околу 100 комити, кои заедно со него тргнале на Мечкин Камен во Крушево. Податоците говорат дека во борбите, 70 комити загинале заедно со Питу Гули, додека останатите 30 ги преживеале борбите, изјави Шеќеровски.

Покрај Белград, Ниш и другите градови во Србија, традиционално двата историски Илиндена беа одбележани во Јабука крај Панчево, со положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев.

Во рамки на одбележувањето на Илинден во Јабука беже одржан и традиционалниот Етно фестивал на храната „Тавче гравче”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот