Дванаесетгодишно момче загина правејќи „селфи“, полицијата вели: таткото го турнал

Индија, мост, река, момче
Река во Индија / илустрација фото: ЕПА/ЕФЕ

Морничав случај во кој загинало 12-годишно дете кое наводно правело „селфи“ на мост, додека за трагедијата бил уапсен таткото осомничен дека го турнал, се случил неделава во Индија.

Таткото на детето, кој објаснил дека тоа паднало од мостот додека се фотографирало, бил уапсен откако полицијата се посомневала дека тој е одговорен за брутално убиство. Тој подоцна го признал страотното дело, јавуваат медиумите.

Случајот во западната индиска држава Гуџарат прво бил пријавен како несреќен случај, од страна на таткото, Саид Шаик. Но, по истрагата, полицијата почнала да се сомнева во верзијата на таткото. Сега истражителите велат дека тој го турнал детето, сакајќи така да ѝ се одмазди на неговата поранешна сопруга Хина, која го напуштила.

„Саид подоцна ни кажа дека откако се разделиле, Хина била во врска со друг маж. Закир, нивниот син, наводно му кажал на Саид дека му се допаѓал неговиот „нов татко“, што го исфустрирало. Во октомври, Саид отишол кај Хина и побарал од неа да се врати со него во Сурат, но таа одбила. Тогаш Саид насила го зел Закир со себе откако емотивно ја уценил Хина и измислил приказна откако го убил момчето. Го уапсивме Саид и во тек е натамошна истрага“, изјави инспектор од полицијата за Индијан експрес.

На 31 октомври, Шаик наводно го намамил 12-годишниот син, со приказна дека сака да купи крекери. Детето тргнало со таткото на мостот на реката Тапти. Откако наводно го турнал Закир од мостот, Шаик почнал да вика и да бара помош. Полицијата и пожарникарите почнале потрага по телото на момчето, кое било пронајдено следниот ден.