Двајца ученици од Македонија повредени во земјотресот во Турција

Двајца македонски државјани се повредени во земјотресот во Турција. Според информациите од МНР, се работи за ученици кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во таа земја.
– Министерството за надворешни работи преку своите Амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање, додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност – информираа од Министерството.
Досега во МНР нема информација за други македонски државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, но како што велат оттаму, претставништвата остануваат во континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција, така и со македонски граѓани кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен.
– По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции – додаваат од МНР.
Од Министерството потсетуваат дека дипломатските претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732.