Дваесетина активни огласи за работа во јавниот сектор

Илустрација: Администрација / Фото: Архива на „Слободен печат“

Платите во огласите за кои сè уште може да се аплицира се движат од 18.317 до 46.714 денари

Во Агенцијата за администрација во моментов се активни дваесетина огласи за вработување. Најмногу се бара нов кадар по општините, а и Град Скопје бара помошник раководител на Инспекторатот на Градот. Платите се движат од трошка повеќе од загарантираниот минимум, односно од 18.317 денари во Општина Струга за референт за административно-технички работи, па до 46.714 денари за раководителот во Град Скопје.

Пред Нова година имаше огласи за вработувања од министерствата, Собранието, Канцеларијата на премиерот, јавни претпријатија, училишта, затвори, болници, градинки… Но, она што особено привлече внимание се 100 вработувања во УЈП. Од УЈП за „Слободен печат“ изјавија дека причината за толкавиот обем на нови вработувања е фактот што во пензија им заминале 124 службеници. Според тогашните огласи, платите се движат од 18.846 до 37.800 денари.

Во изминатиов период ретко која институција не се пожали дека не им недостига кадар. Многу често можеше да се слушне и дека многумина одат во пензија, а на нивно место не доаѓаат нови.

Според последниот објавен Регистар за вработени во јавниот сектор, а кој се однесува на 2021 година, јавниот сектор го сочинуваат 132.088 вработени, а просечната возраст им е 46 години.

Во Буџетот за 2023 година за плати и надоместоци се предвидени 567 милиони евра, или околу 27 милиони евра повеќе отколку планираниот износ во ребалансираниот буџет за 2022 година. Износот е зголемен за одредени зголемувања на бројот на вработените, но и поради очекувано зголемување на платите во јавниот сектор.

Министерот за финансии во одговор на пратеничко прашање потенцираше дека новите вработувања не зависат од Министерството за финансии, туку врз основа на обезбедени средства за ново вработување и планот за вработување на институцијата, а процесот треба да го управува раководното лице.

– Министерството за финансии нема ингеренции, надлежност, ниту капацитет да даде согласност за поединечни работни места, односно поединечни вработувања. Тоа е одговорност на самите институции и на раководните лица во тие институции како ќе ги спроведат тие постапки. Но Министерството за финансии во тој случај дава известување дали институцијата има обезбедени финансиски средства во буџетот за тоа работно место и дали е во согласност со Планот за вработување – посочи министерот Бесими.

Во однос на платите, пак, постои посебна регулатива за јавниот сектор, а како што е познато, на јавна распра е и новиот закон за систем на плати во јавниот сектор. Со сегашната регулатива се случуваше да има плати и под минималната, и освен за највисоките позиции, платите станаа сосема неатрактивни. Максималниот износ на плати што може да се даде, создаде особена дефицитарност во јавниот сектор на специфични професии какви што се на пример ИТ-инженерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот