Дваесет проценти

Срцево ме боли и ми се кине на најмали парчиња од сознанието дека секое петто преурането умирање се јавува како последица од загадениот воздух. Колку и да ми е познат фактот дека нечистиот воздух може да убие, во себе не можам да разберам како може нешто што носи живот, тоа и да го одземе.

Но тоа е животот, а и секој од нас има по пет душички кои прерано го напуштиле овој свет. Едната можеби настрадала во сообраќајна незгода, другата од прекумерно користење алкохол, опијати или нездрава храна, третата најверојатно од некаков стрес, четвртата од „некоја болест“, ама петтата излегува дека, ни крива ни должна, отишла во вечните одморалишта само поради нечистиот воздух. Со сите други причини за умирање, едно човечко битие би можело да се справи и самото, може да вози безбедно, или да не вози воопшто, може да одлучи да не живее стресно, а и најголем дел од современите болести се лечат со успех. Човекот е битие способно да ги елиминира сите предизвици опасни по живот, освен во случаи на природни катастрофи. А загадениот воздух причинува и поголема девастација од природните катастрофи, и тоа за неколкупати.

Всушност, што ќе ни е ЕУ и НАТО, и пет илјади евра плата, ако нема со кого тоа да го доживееме, затоа што народот ем ни се иселува, ем одумира. Од воздух. А за воздухот е одговорно колективното „јас“. Тоа е оној личен напор што ќе го преземе поединецот за доброто на сите. Колективното „јас“ не работи само за време на избори, кога моќта на одлучување ја делегираме кон одредена група луѓе. Колективното „јас“, како што бевме сведоци, може и да ја промени истата група луѓе и исто така може да ја промени ситуација со воздухот. Дали ќе пише инспиративен статус, дали ќе истражи и објави листа на најголеми загадувачи, дали ќе се префрли на подобра печка, дали ќе избегнува да користи автомобил, дали ќе пријави корупција кај колегата инспектор, дали ќе го подобри законот за обновливи извори на енергија или, пак, ќе се откаже од бизнисот кој загадува, сето тоа се последици од одлуката на колективното „јас“.
Свеста дека можеме сами да си помогнеме како да е некако замаглена со истиот тој нечист воздух. Зарем треба да чекаме ситуацијата да се радикализира, па да почнат да умираат и повеќе луѓе? Тие несреќни битија и ние ќе ги носиме на душа. Ние што не сме презеле ништо, ние кои сме дозволиле искорумпираниот македонски псеудо-капитализам да се насели и во нашиот воздух и да ги убива нашите сакани. Колективното „јас“ сака промени во воздухот, и тоа полека, но сигурно ја менува свеста за проблемот. Расте бројот на граѓански здруженија, на протести, на форуми, дешавки, сè со една цел – здрав живот. Колективот сака и конкретни мерки, без непотребни тротинети и инвертори. Колективот љуби прецизни бројки, сака да знае што ќе се подобри догодина, а што за десет. Во борбата за голиот живот, во еден момент колективот ќе се издигне и прерасне во вистински, граѓански, натпартиски.

И затоа, во ова лимбо од колективниот развој прво се јавува чувството за самоодржување. Ако е животот загрозен, секое битие грчевито ќе се бори за да преживее. И во име на тој живот, нам, засега, ни останува само да го дигаме гласот, секој како умее, сè додека стане толку силен и почне да ја разбркува маглата, и тоа, пред сè, од пред нашите очи. Треба да прогледаме за да продишеме.

А јас се научив да ја гледам и прогнозата на ветерот и секој од ваквите, чисти и ветровити денови, му се заблагодарувам на Еол, кој е благонаклонет кон нас оваа година, и пушта доволно ветер од своите пештери за да ни ја исчисти смрдеава од нос.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот