Дваесет илјади евра под морето на ФФМ
За да се сочува власта, треба некогаш да се „вложат“ и 300.000 евра. Толку изнесува вкупната награда што самите си ја поделија фудбалските челници, поточно по 20.000 евра за секој од „15-те величествени“ од Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Пари што не ја прелија чашата на антикорупционерите.
Ова е само продолжение на трката на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, кој лесно ги прескокнува сите пречки од стиплчејсот кон нов четиригодишен мандат. Неговиот реизбор, како по обичај, и на изборното Собрание на ФФМ на 14 март, ќе биде со акламација и без противкандидати. Така изгледа македонската фудбалска демократија последнава деценија, откако спрегата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во фудбалскиот врв инсталираше свои послушници.
Финансиската полиција долго „копаше“ во архивите на ФФМ, но обвинение доби само „службеничка која допишувала нули во фактурите“. Пред очите на одговорните лица, се разбира, кои и натаму земаат илјадници евра плата како потписници. Друг приказ за моќта на фудбалскиот суверен е немоќта дури и на еден Кочо Анѓушев против него. Бизнисменот и поранешен вицепремиер поради состојбите во ФФМ се откажа од финансирањето на Борец. Заткулисните игри, пак, на клиентелистичкиот апарат, составен од комисии, делегати и судии, ги почувствува и Горан Пандев, сопственикот на ФК Академија Пандев, кој се закани дека ќе крене раце од клубот ако ситуацијата остане „статус кво“ во македонскиот фудбал. Се побунија и клубови (Шкендија, Тетекс), повеќе поранешни репрезентативци, општински сојуз, но Сејдини „топовска“ не го бие.
Најголемиот успех на Сејдини, засега, му е триумфот против државната Агенција за спорт и млади, која од ФФМ побара почитување на Законот, според кој клубовите треба да имаат мнозинство делегати во Собранието. Но фудбалскиот кадар од нисколигашот Зајас не ги признава законите на својата држава, туку тие на УЕФА и на ФИФА. Покажа фудбалска екстериторијалност кога така му одговара. Ќе памти, па ќе врати кога ќе се гласа и во Швајцарија.
Партијата што одговара само пред својот лидер отворено се пофали дека е прва албанска што го освоила ФФМ. Не само во овој случај, интегративците докажуваат дека се „држава во држава“, па нема да се откажат и од привилегијата да се биде клучар на најбогатиот спортски сеф во земјава. Што е предизвик за првиот антикорупционер во Владата поголем од „чаша вода“. Зашто со голо око е видливо колкав е развојот на фудбалот во земјава, и покрај десетиците милиони евра грантови што легнале на сметката на ФФМ во изминатите децении за таа цел.
Во тие големи игри, ситни риби се нерасчинетите 15 чиновници од Управниот одбор на ФФМ. Тие не се наградени од Сејдини за пласманот на Македонија на Европското првенство, туку за добиената битка по општинските сојузи каде се избираат делегати кои на четири години гласаат доверба на раководството, што е гаранција дека настрана од водењето на македонскиот фудбал ќе останат клубовите, вистинските стручњаци, фудбалските легенди, спортските менаџери…
Фудбалот е повеќе од игра. На поделените премии од по 20.000 евра треба да се гледа како потсмевање со петтиот пакет на Владата, со ваучерите за сиромаштијата, со хонорарните договори на медицинските сестри… Во корона-криза кога министерот за здравство Венко Филипче треба да менува закони за да ги награди барем со 20.000 денари хероите од ковид-центрите, морето од злоупотреби во ФФМ што се и поголеми од 20.000 евра, засега не може да се разбистри ни со жилверновска научна фантастика.