Два нови случаи со Ковид-19 во штипска конфекција и два во детска градинка

Фото: МИА

Во новата осма штипска конфекција, каде вчера се појави првиот позитивен случај со коронавирус, денеска се регистрираат два нови случаи, истакна на денешната прес-конференција командантот на Општинскиот кризен штаб, Благој Бочварски.

Одлуката дали конфекцијата ќе продолжи да работи или ќе се затвори ќе ја донесат надлежните здравствени институции. Тој посочи дека во денешниот здравствен билтен се регистрираат и два позитивни случаи во детската градинка „Вера Циривири-Трена”, а останатите случаи се контакти на веќе заразените. За разлика од минатата недела бројката на изолирани граѓани се намалува, па денеска изнесува 472 лица.

-Тоа е еден добар сигнал, но тоа не значи дека треба да се олабавиме. Важно е да продолжиме да ги почитуваме мерките. Очекувам наредните денови да почнат да излегуваат и излекуваните граѓани од првозаразените од конфекциите, пред 15 до 20 дена, вели Бочварски.

Забележа дека вториот бран е сериозна поука за штипјани и очекува сите повнимателно да се однесуваат и да ги почитуваат препораките. Смета дека наскоро ќе се нормализира и работата во штипските конфекции, со цел и реалниот сектор да не трпи загуби.

– Неколку од конфекциите работат со 50 отсто од капацитетите, една со 60 отсто и само една помала конфекција во која нема позитивни случаи, а беше опфатена со скринингот се работи 100 отсто. Ова реално покажува дека ние имаме растеретување на вработените, помал број луѓе кои патуваат, работат. Но, сега е прашањето што по оваа состојба. Ние веќе мораме да размислуваме како да живееме и работиме со овој вирус. Не сакам да помислам дека заради оваа состојба луѓе ќе останат без работа. Сакам сите да се вратат на работа, вели Бочварски.

Додаде дека се намалува бројот на хоспитализирани на Инфективното одделение во Штип, каде се лекуваат вкупно 16 пациенти со средна клиничка слика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот