Два кубански лека значително ја намалиле смртноста од коронавирус

Фото: FOTO: EPA / ERNESTO MASTRASCUSA

Кубанските власти објавија дека употребата на два лека развиени од кубанските компании за биотехнологија довеле до значително намалување на смртноста од последиците на коронавирусот во таа земја.

Кубанските здравствени власти соопштија дека само два смртни случаи поврзани со ковид-19 биле регистрирани во изминатите девет дена, пренесе Ројтерс.

Владата во Хавана, која, според Ројтерс, се надева дека ќе го зголеми извозот на кубански лекови, рекламира разни кубански лекови кои помагаат да се спречат воспалителни инфективни процеси поврзани со корона вирусот.

Надлежните на карипската држава наведуваат дека двата лека особено помогнале во лекувањето на сериозно болни лица со ковид-19, односно во спречување на цитокинскиот синдром“ – опасна имунолошка прекумерна реакција на организмот, што предизвикува имунолошкиот систем да напаѓа здрави ткива заедно со вирусот.

Едниот лек е „итолизумаб“ – моноклонално антитело што се произведува во Куба и во неколку други земји, додека другиот лек е еден вид пептид развиен и првично тестиран од кубанската индустрија за биотехнологија при третман на втората фаза на ревматоиден артритис, пренесува Ројтерс.

„Околу 80 проценти од пациентите кои стигнуваат до критична состојба умираат. Во Куба се спасуваат 80 проценти од оние кои завршуваат во критична состојба“, изјави кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел на државната телевизија претходно оваа недела, пренесува Танјуг.

Ројтерс додава дека научниците предупредуваат дека се потребни обемни истражувања за да се добијат податоци за ефикасноста и безбедноста на овие лекови.

Кубанските здравствени власти, пак, велат дека експерименталната употреба ја намалила смртноста од ковид-19 на најголемиот карипски остров на 4,2 проценти, наспроти 5,9 проценти во регионот и 6,6 проценти на глобално ниво.

Куба, со околу 11 милиони жители, регистрирала 1.916 случаи и 81 смртни случаи од почетокот на пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот