Два дена се трага по исчезнато 12-годишно девојче од Скопје, се бара и 15-годишна тинејџерка со која заедно заминале

Веќе втор ден трае потрагата на младото девојче од Скопје, Аниса Ајро од Општина Гази Баба која исчезна вчера рано изутрина одејќи на пат кон нејзиното училиште OУ Лирија во Општина Чаир.
Аниса била многу мирно и повлечено девојче кое немало тајни од семејството, па околностите на нејзиното исчезнување се многу чудни.
Според информациите кои ги добивме од нејзиниот родител, таа е првично пријавена во полицијата кај Бит Пазар од каде, рече, е испратен налог за брза интервенција во МВР.
Таткото Енгин потврди дека вчера утро Аниса се подготвувала да оди на училиште и тогаш последен пат ја видел бидејќи и тој тргнал на работа. Потоа на училиште една другарка постара од неа 2 години, ја повикала да излезе од наставата и оттогаш и се губи секаква трага.
Аниса во моментот на исчезнувањето носела црна јакна и кафеави панталони. Висока е околу 163 см.
МВР го потврди случајот и посочи дека како исчезнато се води и другото постаро девојче со иницијали М.К. кое почесто исчезнувало од домот и ја враќале назад.
„На 30.03.2023 во Полициска станица Бит Пазар во 20.30 часот Е.А.(38) пријавил дека се оддалечила неговата ќерка А.А.(12), а околу 22.00 часот Ѓ.О.(39) пријавил дека се оддалечила неговата ќерка М.К.(15). М.К. и претходно во повеќе наврати се оддалечувала од домот и била враќана назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата“, соопшти МВР.
„Се уште немаме никаков глас“ ни рече загрижениот татко во краткиот телефонски разговор. „Ако било кој ја види веднаш да повика полиција, да ја задржи! Нека ми се јават и мене на 072 232 983“ – апелира очајниот родител.
