Дури и на Заев му збоктиса од бугарските уцени

Зоран Заев и Румен Радев/ Фото: МИА

Ако се следат изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дадени во последно време, може да забележи извесно заострување на вордингот кога станува збор за односот на ЕУ кон Македонија, но и кон бугарските изблици на патернализам кон бугарското малцинство, кој сѐ повеќе претставува мешање во внатрешните работи на земјава.

Дали на Зоран Заев му дојде преку глава од пасивниот однос на Унијата која не ги исполнува своите ветувања, дозволувајќи ѝ на Бугарија да поставува услови кои се неприфатливи и кои не се во доменот само на Бугарија, туку се обврска на Унијата како целина?

Тој сѐ почесто билатералните релации со Бугарија, ги пренасочува на адреса на Унијата.

На бугарскиот претседател кој изјави дека „Бугарија не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест“, експресно му одговори:

„Јас реков, тоа е работа на ЕУ – кога ќе одлучат да го продолжиме процесот, нека ни се јават. Ние, во меѓувреме, продолжуваме со европеизацијата овде, имаме сериозни процеси за спроведување на агендата ‘Европа дома’!

Или пак во врска со одредени барања од соседите Бугарите во Македонија да бидат вметнати во Уставот Заев им порача дека „за тоа може да се разговара дури пред самото пристапување во ЕУ“, со што  на бугарските политичари им стави јасно до знаење дека откако ќе го откочат пристапниот процес, ќе го добијат она што го бараат, но не пред тоа и не ексклузивно само за Бугарите, туку и за другите малцински групи кои живеат во Македонија, а сѐ уште не се впишани во Уставот.

Со други зборови Заев јасно му кажува на Радев: Вие можеби се членка на ЕУ, но не сте целата ЕУ; вие не одлучувате за некои работи. Но, во суштина, тоа сепак повеќе е прозивка до ЕУ, која се повторува повеќе пати и не само од страна на премиерот Заев, туку и во јавните настапи на министрите Османи и Димитров на меѓународната политичка сцена.

Ваквата острина секако е несоодветна за Заев, за кого досега во јавноста се стекна впечаток дека е политичар со исклучителна трпеливост во преговорите и за кого многумина се спремни да речат дека е претерана и дека е на границата со личното, па и националното достоинство.

Очигледно станува збор за смислена стратегија на македонската дипломатија која полека тежиштето на притисок го префрла врз ЕУ, наместо како досега барајќи излез претежно во ќорсокакот на билатералните преговори со Бугарија.

Оттаму станува видлива одредена нетрпеливост директно упатена кон ЕУ заради неисполнување на ветувањата дадени кон Северна Македонија, иако сѐ уште постојат дипломатски огради во пораките, кои не оставаат простор да се добие впечаток дека земјата се откажала од европската перспектива.

Во изјавите на македонскиот премиер синтагмата „нека ни се јават од ЕУ кога ќе бидат подготвени“ се повторува повеќе пати за кусо време. Освен сега, во одговорот кон Радев, таа беше употребена и во интервјуто на Заев во емисијата „Конфликтна зона“ на Дојче Веле:

Кога во ЕУ ќе одлучат да ни го овозможат заслужениот следен чекор, нека ни се јават, затоа што по 16,5 години чекање, тоа е преголема траума. Имавме 12 позитивни препораки од Европската комисија, имаме 100% успешност на реформскиот процес според последниот извештај за Западниот Балкан и највисок резултат со остварени 63% од заклучоците за реализација на Програмата за економски реформи. Ние сме лидери на Балканот. Затоа кога ќе донесат одлука ние сме подготвени…“.

Може да се каже дека ваквата „цврстина“ во ставовите, на некој начин кореспондира и со американската засилена подршка на европската интеграција на земјава, особено искажана неодамна на „Преспа форумот“ од страна на високоите претставници на администрацијата на претседателот Бајден.

Барањето излезно решение во ЕУ, а не само во непосредните контакти со бугарскиот политички и државен естаблишмент во голема мерка произлегува и од заплетканата политичка ситуација во Бугарија, која веќе подолго време ги измачува не само Бугарите, туку низ иста голгота минуваат и Македонците, очекувајќи формирање кредибилна бугарска Влада со која македонските официјални претставници ќе ги продолжат преговорите за трасирање на патот кон ЕУ.

Но очигледно тоа тешко оди во соседна Бугарија. Ако наскоро не се формира Влада, сѐ поизвесно е дека таму бугарските граѓани по трет пат ќе бираат пратеници, по што, ако нема разрешница, не е ништо чудно Бугарија да заглави во тешка политичка криза. Засега единствената кредибилна институција е претседателот Румен Радев, но и тој е на крајот од својот мандат, па си тера своја кампања за уште еден мандат, обидувајќи се да заработи некој глас повеќе врз грбот на Македонците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот