Дурант и Ирвинг го направија Бруклин нов супер тим

twitter/sportsillustrated

Бруклин нетс е новиот супер тим во НБА лигата откако ги ангажира две од трите најпосакувани НБА ѕвезди кои беа слободни играчи. Кевин Дурант и Кајри Ирвинг кариерата ќе ја продолжат во Бруклин, а на нив ќе им се приклучи и центарот Деандре Џордан со што ги направи „мрежичките“ нов супер тим и инстант фаворит за освојување на шампионската титула.
Според медиумите, Кевин Дурант ќе потпише четиригодишен договор вреден 164 милиони долари, додека Ирвинг за четири години ќе инкасира 141 милион долари.

Вистинско изненадување претставува новиот клуб на кошаркарот кој го загуби местото во Бруклин, Д’Анџело Расел. Иако се шпекулираше дека ќе се врати во ЛА Лејкерс или ќе оди во Минесота, тој го избра Голден Стејт вориорс со кого потпиша четиригодишен договор вреден 117 милиони долари. Клеј Томпсон останува „воин“ и неговата верност е наградена со 190 милиони долари за пет години. Од Голден Стејт си замина искусниот Андре Игудала кој стана нов кошаркар на Мемфис гризлис.

Џими Батлер ја напушти Филаделфија, тој е разменет во Мајами хит, откако претходно се договори да потпише четиригодишен договор за 142 милиони долари. Во обратен правец замина Џош Ричардсон, а Филаделфија по заминувањето на Батлер одлучи да го задржи Тобајас Херис на кого му даде 180 милиони долари за пет сезони.
Милвоки бакс го задржи Крис Мидлтон во своите редови со 178 милиони долари за пет години, додека Брук Лопез потпиша четиригодишен договор тежок 52 милиони долари.

Кристапс Порзингис одлучи долгорочно да остане во Далас маверикс со кого потпиша петгодишен договор за 158 милиони долари.
Хрватот Бојан Богдановиќ одличната сезона во Индијана пејсерс ја наплати од Јута џез од која доби 73 милиони долари за четири години.
Бостон селтикс претходно се договори со Кемба Вокер од Шарлот хорнетс и му дозволи на Тери Розиер да замине во обратен правец.

Њујорк никс е еден од губитниците на првиот ден од летниот преоден рок. Иако најавуваа дека ќе тргнат по Дурант, Ирвинг, Ленард и Вокер, на крајот потпишаа со Џулиус Рендл кој доби 63 милиони долари за три години.

Патрик Беверли кој беше еден од најбараните бекови на трансфер пазарот, останува во ЛА клиперс и за три години ќе заработи 40 милиони долари, додека Рики Рубио од Јута се пресели во Феникс санс од кого доби 51 милион долари за четири години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот