ДУП со „спорната“ бензинска пумпа повторно се најде пред Уставен суд

Фото: Независни За Карпош

Иницијативата е поднесена од скопјанката Наташа Шурбановска, според која Одлуката на Советот на Карпош за донесување ДУП не е во согласност со Уставот и со членовите 108 и 110, Законот за урбанистичко планирање, ГУП за Град Скопје и со Правилникот за урбанистичко планирање, па таа предлага времена мерка забрана за градба на објект до донесување конечна одлука на Уставниот суд.

Деталниот урбанистички план за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, кој ја опфаќа и парцелата за бензинска пумпа, поради која Општина Карпош беше тужена од „Пуцко петрол“, повторно ќе се најде пред Уставен суд.

Судот информираше дека е оформен предмет за поднесена иницијатива, со која се оспорува Одлуката на Советот на Карпош од 3 март годинава за донесување на ДУП за Градска четврт 3. 04, Блок 3 04.05.

Иницијативата е поднесена од скопјанката Наташа Шурбановска, според која со овој ДУП се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост“ во општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура. Таа смета дека Одлуката не е во согласност со Уставот и со членовите 108 и 110, Законот за урбанистичко планирање, ГУП за Град Скопје и со Правилникот за урбанистичко планирање.  Поради тоа Шурбановска му предлага на Уставниот суд да донесе времена мерка забрана за градба на објект до донесување конечна одлука на Уставниот суд.

На донесувањето на овој ДУП му претходеа цела низа настани, во обид со неговото навремено носење да се спречи пресуда со која Општината би требало да плати отштета во милионски суми евра.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски пред два месеца јавно ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да формира Комисија за урбанизам, која треба да даде согласност за планот. Откако тоа се случи, по неколкудневни договори и „убедувања“ на советниците и по сугестија на државниот правобранител, ДУП беше донесен на вонредна седница на 3 март, ден пред судското рочиште на кое требаше да се соопшти пресудата за случајот во кој „Пуцко петрол“ ја тужеше локалната самоуправа.

 Бензинска пумпа е вцртана кај СЦ „Борис Трајковски“ покрај булеварот Осми Септември, на државно земјиште, земјиште за кое ние заедно со Градот Скопје и државата добивме 2,6 милиони евра. Тоа е најскапо продадена бензинска пумпа во државава. На јавното наддавање се јавија шест компании, меѓу кои и „Макпетрол“ и „Окта“. Добивме многу висока цена, а станува збор за мала бензинска пумпа со само две места за точење бензин. Највисока цена понуди „Пуцко петрол“ и според законските прописи, тој ја доби парцелата – објасни градоначалникот Стевчо Јакимовски одговарајќи на прашањето на граѓанин во своето обраќање во живо на „Фејсбук“ за тоа каков е исходот од овој случај.

Според Јакимовски, по престанокот на неговиот мандат, сопственикот побарал градежна дозвола во Општината, но повеќепати бил враќан поради сообраќајно решение од МВР, а во меѓувреме Уставниот суд го поништил овој ДУП. Бидејќи тоа практично значи дека парцела за бензинска повеќе нема и тој договор не може да се реализира, „Пуцко петрол“ ја тужел Општината на суд со барање да му се вратат 2,6 милиони евра, плус камати и отштета за изгубена добивка. Како што објасни Јакимовски, донесена е пресуда, па Апелацискиот суд повторно го вратил предметот на судење.

По сугестија на правобранителот, бидејќи таму е тужена и државата, бидејќи 20 отсто од средствата ги зема државата, предлогот беше што побрзо да се донесе тој ДУП и повторно да му се понуди истата локација и нов договор и доколку му се понуди, а тој одбие, во тој случај нема право да бара отштета – рече градоначалникот на Карпош.

Планот е донесен еден ден пред изрекувањето на пресудата, и според Јакимовски документите се доставени до судијката веднаш, но тоа не е земено предвид и пресудата е изречена на 4 март. Тој вели дека пресудата уште не е доставена до Општината, но неофицијално се информирани дека е изречена сума за отштета кон „Пуцко петрол“ од 15 милиони евра.

Деталниот урбанистички план првично беше донесен во јули 2016 година и во него беше вцртана парцела за бензинска пумпа. Три месеци подоцна е спроведено јавно наддавање за продажба на државното земјиште, но во 2018 година Уставниот суд го укина планот. Планот што е неодамна донесен, минатото лето беше јавно презентиран и во него исто така е вцртана парцела за бензинска пумпа покрај булеварот Осми Септември.

Останува да се види дали тој повторно ќе биде поништен од Уставниот суд.

Ако не се донесе ДУП до петок, Општина Карпош ќе плаќа отштета во милионски суми

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот