Дуодрамата „Кенди“ на „Златен Елец“ ја доби наградата за најдобра претстава на фестивалот „Нишвил“

Екипата на независниот театар „Златен Елец“ на фестивалот „Нишвил“ / колаж

На Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Р Србија, жирито во состав Франко Унгаро, Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ, после изгледани шест претстави во натпреварувачката програма на џез театарскиот фестивал во Ниш, донесе едногласна одлука.

Наградата за најдобра претстава подеднакво се доделува на продукциите „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска на театарот „Златен Елец“ (Северна Македонија) и „Големиот спектакл на крајот на светот“ на театарот „Ен Вол“ (Сардинија, Италија). Наградата за најдобро користена музика е доделена на претставата „Other People’s Shoes (A Place Where Empathy Lives)“, британско-српска копродукција.

– Претставата „Кенди“ се издвои по својата вистинитост која дава надеж во можностите на современиот театар, особено затоа што ја создадоа млади актери чија енергија е невообичаено разорна, посветена и заразна. Повремено ја преминуваат границата меѓу изведувач и гледач, вовлекувајќи нè во просторот на играта, што нè прави посвесна, поангажирана публика, а тоа е особено важно бидејќи се работи за општествено важна и чувствителна тема. Музиката на Лука Тошев, која се изведува во живо, има деликатен интензитет, смисла за контраст, го зачувува просторот безбеден, со неизвалканата убавина во пеколот на зависноста, со која оваа претстава критички се занимава – стои во образложението на жирито.

Ова е трета награда за „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претходно претставата ги освои наградите „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино и „Биш“ на фестивалот „Млад отворен театар“ во Скопје.

Во претставата играат актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, музиката е на Лука Тошев. „Кенди“ е дуодрама која зборува за зависноста кај младите со фокус на опијатната зависност, според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction) и авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите.

Претставата во септември ќе биде изведена и пред скопската публика, како дел од редовниот репертоар на независниот театар „Златен Елец“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот