ДУИ(НГ) бизнисот на крстопат!

Благојче Атанасоски

Наскоро ќе видиме, како оваа сага и пресметка за тронот на ДУИ ќе заврши: дали на зелена маса, или во „зелени униформи“ каде што ќе игра друг начин на политичко дејствување и пресметување помеѓу себе, со не дај боже жртви по улиците. Како и да е, ДУИ е на крстопат, по којзнае кој пат. Овој пат, може внатрешно да се преполови и конечно да се дефакторизира од македонската политичка сцена, што искрено го посакуваат сите до еден од етничките Македонци, но и огромен дел од етничките Албанци кај нас.

По старото добро правило, како наближуваат изборите, од „еколошката“ зелена партија на интегративците од Мала Речица се пресоблекуваат во познатата војничка зелена униформа и прибегнуваат кон ултранационалистичка реторика, со која ги подгреваат и меѓуетничките односи, но и ја фокусираат политичката дебата на исклучиво етнички теми, фалејќи се за нивните „успеси“ на подигнување и унапредување на јазично-етничките, културните и институционалните права на етничките Албанци кај нас. Па, така, министерот за надворешни работи Бујар Османи од собирот на членови и поддржувачи на ДУИ во Чаир, како новоназначен координатор на чаирскиот огранок, ги редеше успесите на ДУИ, набројувајќи сè за што е заслужна оваа партија денес. Од претседател на Собрание Албанец, до прв министер за надворешни работи на Македонија – Албанец (токму тој), до „за неколку месеци“ и прв премиер Албанец, покрај сè друго во однос на вработувањата на Албанците низ институциите на системот, усогласувањето на албанскиот јазик на општинско и на централно ниво, отворањето универзитети на албански јазик и многу други работи постигнати во изминативе две децении по завршување на воениот конфликт и потпишување на Охридскиот рамковен договор. Исто така, Бујар се пофали и дека од вкупно осумнаесет министри, девет биле етнички Албанци. Со слична реторика, потсетувајќи за овие браворузни успеси, првиот вицепремиер и човек од веројатно најголема доверба на Али Ахмети, лицето Артан Груби, гостувајќи на косовска телевизија, се фалеше за истово. Ајде да ги видиме во редослед големите успеси на оваа политичка партија во однос на албанската етничка заедница во овие две децении во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се највиновни за моќта на ДУИ

За волја на вистината, Ахмети отсекогаш за влечење политички потези беше и е махер на македонската политичка сцена, испраќајќи ги во политичка пензија сите свои досегашни коалициски партнери-премиери и од левицата и од десницата, почнувајќи од првиот, Бранко Црвенковски, продолжувајќи со Бучковски, потоа неговиот најдолгогодишен Никола Груевски, за да заврши со Заев, испраќајќи го во родната Струмица, а тој сè уште да е политички  актуелен фактор на денешницата. Тоа се должи прво на сите политички победи на сите изборни циклуси на ДУИ во овие две децении, наметнувајќи го принципот на формирање коалициска влада меѓу „победник со победник“ во двата вештачки инструирани (токму од нивна страна) политички блокови, македонски и албански, и второ, толерирањето на сите македонски власти на криминалот и корупцијата на оваа недопирлива политичка партија. За да владеат под патронат на ДУИ, и Црвенковски и Груевски, но и Заев, не „чепнаа“ ниту еден висок функционер на ДУИ, небаре овие се швајцарска политичка партија во владеењето и управувањето со ресорите. Освен клиентилизација на своето гласачко тело, поткуп и насила добивање гласови, преку контрола на сите општествени процеси во албанското милје кај нас, резултатите на ДУИ во средините во кои владее и владеела се катастрофални и за балкански/македонски услови: Албанците речиси двојно повеќе се селат од Македонците во западноевропските и прекуокеанските развиени земји, празнејќи ги градовите и селата низ северозападна Македонија. Тетово, најголемиот град и општина, своевиден „бастион“ на Албанците кај нас, по урбанистичко-инфраструктурни услови личи на Дака, Бангладеш, во однос на загадувањето, немањето водоснабдување, нечистотата низ улиците и хаосот во урбанистичкото планирање, одошто на среден европски град (ДУИ е најголемиот поборник за евроинтеграциите на Македонија), а во многу албански села нема ни елементарна инфраструктура за живеење на месните жители, од асфалтен пат, вода и атмосферска и фекална канализација, камоли да зборуваме за нешто повеќе. Сето тоа придонесе Албанците дури и со бугарски пасоши, слично како и Македонците, да си ја бараат среќата надвор, на страна, одбивајќи да живеат во такви средини. Сепак, ДУИ е непобедлива. Зошто?! Како што нагласив, Ахмети е неверојатен политички префриган политичар и мошне умешно ги поставуваше и ги разместуваше коцките на македонската политичка сцена. Долги години, повеќе од деценија, главен политички противник му беше само ДПА на Мендух Тачи, инцидентно во краток временски интервал Имер Селмани, сè до појавата на партијата БЕСА и најсериозниот досега негов политички противник Зијадин Села и неговата Алијанса за Албанците. Исто така, Ахмети, најсериозниот политички удар во одземање гласови го претрпе од СДСМ на Зоран Заев на 11 декември во 2016 година, кога македонската левица привлече околу 45.000 етничко албански гласачи, првенствено од ДУИ. Сепак, и тоа го изменаџира стариот лисец од Мала Речица за да ја консолидира партијата. Својот соперник од Струга, Села го испрати во пензија, а наследникот на Села, градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, веднаш го прибра во прегратките на коалициската владина композиција нудејќи му заедничко владеење во името на „европските интеграции“.

Дали „огнените“ ќе го изгорат Ахмети?

Сепак, најсериозниот удар, можеби, во дведецениското функционирање на ДУИ се случува во моментов со огромното незадоволство на т.н. „Огнена група“ предводена од поранешниот најблизок соработник на Ахмети, Муса Џафери, потоа од, во три мандати чаирскиот градоначалник Изет Меџити, актуелен пратеник, но и од актуелните градоначалници на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, и поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта. Оваа моќна структура веќе ги полни салите барајќи „реформи“ во функционирањето на ДУИ, односно ја бара политичката глава на сегашниот прв човек од доверба на Ахмети, Артан Груби. Тие го обвинуваат за целосна приватизација на партијата, неотчетност, немање резултати на министрите поставени од ДУИ во нивните ресори и немање внатрепартиска демократија во носењето на одлуките, што ѓомити била својствена за оваа политичка партија. На почетокот на кризата, Ахмети проба да ја изменаџира целата опасна ситуација, нудејќи им високи партиски позиции на незадоволниците, но и тоа не беше доволно огнените да се изгаснат. Напротив, како сè повеќе да се разгореа  и земаа политички замав. Од денешен ракурс, никој не може да ја предвиди разрешницата и исходот за најголемата политичка драма во ДУИ. Дали „огнените“ внатрепартиски ќе победат и ќе го сменат Груби (што е многу неверојатно во моментов, бидејќи Али застана на негова страна) или, пак, со својата фракција ќе формираат посебен политички субјект (може и како отпадници да настапат со свои листи на идните парламентарни избори), отцепувајќи така значаен гласачки дел од гласачкиот резервоар на ДУИ, особено во првата изборна единица (Чаир, Сарај, Студеничани), но и во шестата (Гостивар, Кичево, дел од Тетово). Во суштина,станува збор за обична пресметка кој ќе ги контролира јавните тендери и милионите евра што произлегуваат од нив во ресорите под команда на ДУИ. Овие незадоволни ветерани веројатно не може да се помират со тоа што една „болва“ како командантот на „Шверцерите“, заедно со некои нови „клинци“ од типот на Крешник Бектеши и Арбр Адеми, заедно со Бујар и Фатмир Бесими се новите „пали-гаси“ во најдолго владејачката партија кај нас. Наскоро ќе видиме како оваа сага и пресметка за тронот на ДУИ ќе заврши: дали на зелена маса, или во „зелени униформи“ каде што ќе игра друг начин на политичко дејствување и пресметување помеѓу себе, со не дај боже жртви по улиците. Како и да е, ДУИ е на крстопат, по којзнае кој пат. Овој пат, може внатрешно да се преполови и конечно да се дефакторизира од македонската политичка сцена, што искрено го посакуваат сите до еден од етничките Македонци, но и огромен дел од етничките Албанци кај нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот