ДУИ е „султан“ партија, се е во рацете на Ахмети!

Али Ахмети Фото: Драган Митрески

Иако партисикот Конгрес го одржа во декмври 2019 година, Демократската унија за интеграција (ДУИ), освен партиски лидер и Генералниот совет на партијата, се уште не избрала органи на партијата. Официјално, на чело партијата е само лидерот Али Ахмети.

Висок партиски извор за „Слободен печат“ вели дека досега партијата требала да се екипира. Тој вели дека не знае каква смисла би имало ако сега се бира партиско раковоство кога партијата за една година треба да го одржи петтиот по ред Конгрес.

– Не знам колку има смисла да се бираат партиски органи сега. Се има изгубено смисла кога сме на праг на петтиот Конгрес што треба да се одржи во декември 2023 година. И да се бира партиско претседателство, тоа ќе бидат органи кои ќе и служат на партијата една година, па одново треба да се бираат по петтиот конгрес, вели нашиот извор.

Во ДУИ прашаваме и за партиските избори што се одржуваат на 11 нивни ограноци. Од таму ни одговорја дека ти се наметнати избори по локалните избори одржани во 2021 година.

– Во 11 ограноци на ДУИ се одржуваат вонредни избори поради лошите резултати на локалните избори, или таму кај што сме изгубиле. На пример во Теарце сме победиле, ама за да не го поделиме овој огранок од полошкиот регион каде што се опфатени повеќе ограноци, организиравме и таму избори за реизбор на огранокот, велат од ДУИ за „Слободен печат“.

Но, кој ги носи одлуките на ДУИ, кога партијата веќе три години функционира како „султан партија“?

„ДУИ го избра Генералниот совет како највисок орган меѓу двата конгреса и членовите на Претседателството ги избира овој состав на Советот кој е целосно функционален и на дело. Сите анкети зборуваат за плебисцитна поддршка за г. Ахмети и ДУИ и оваа поддршка е афирмација на нашите праведни политики“, изјави во телевизиско гостување Артан Груби, шеф на кабинетот на Ахмети.

Одвлекувањето на избор на партиски органи од ДУИ го оправдуваат со здравствената криза предизвикана од ковид-19, па како што велат, заради протоколите не се состанал Генералниот совет. По конгресот на ДУИ во декември 2019 година до сега генералниот Совет на ДУИ заседавал неколку пати, еднаш кога ги верифицираше имињата на министрите на ДУИ во владата и за време на локалните избори минатата година.

Политичкиот аналитичар Берат Азизи смета дека во Северна Македонија до одредена мера партиските форуми се само формални.

– Општо земено, партиските органи или форуми во Северна Македонија до одредена мера се формални, особено кога станува збор за прашања од висок ранг или се користат во моменти кога се нема сила да се пресече за одредено прашање. Сите партиски одлуки се диктираат од партиските лидери, но сигурно во еден разговор со сопартијците, но на крај е лидерот тој што оценува за една одлука, изјави Азизи за „Слободен печат“.

Според него, функционирањето на ДУИ без партиско претседателство не игра никаква улога.

– Али Ахмети останува неприкосвоен лидер на ДУИ. Ова може да се констатира од изјавите на партиските функционери кои кога не може да пресечат за одредено прашање крајниот збор му го остават на Ахмети за да одлучи, нагласи Азизи.

Тој додава дека не само во ДУИ, туку и во другите партии, силата на партиските органи и форуми останува под сенката на лидерите и партиските функционери.

Претходно во ДУИ имаше и судири и несогласувања. Најгласен беше Изет Меџити, кој подоцна заедно со Блерим Беџтеин и некои други членови почнаа да се нарекуваат „група на огнот“. Меџити јаво не се согласуваше со кадровските решенија на ДУИ во владата, а упорно бараше да се свика Генералниот совет за да се дебатира. На локалните избори на митингот во Чаир тој изјави дека „иако имаме разлики, сепак сме заедно“.

На четвртиот конгрес одржан во декмеври 2019 година лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека ќе продолжи „достоинствено да ги претставува своите партиски другари“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот