ДУИ се спрема за опозиција, Заев ќе формира Влада по Илинден, во игра може да влезат пратеници од помалите партии

Зоран Заев, лидер на СДСМ / Јули 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Додека високи функционери на ДУИ не се симнуваат од ТВ екраните и даваат изјави за домашни и странски медиуми дека патот за формирање на новата влада води преку Мала Речица, тајно се подготвува новото парламентарно мнозинство. Извори во Коалицијата „Можеме“ за Слободен печат велат дека тие ќе формираат нова Влада која ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Дека раководството на СДСМ не е на одмор тврди и лидерот на Гром, Стевчо Јакимовски, кој на овие избори освои еден пратеник во склоп на Коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој во своите медиумски настапи вели дека претставници на партијата на Заев веќе контактирале со дел од новоизбрани пратеници од помалите партии. Јакимовски ги отфрла најавите од партијата на Ахмети дека ДУИ ќе одлучи кој ќе влезе во новата Влада.

– Ако патот води преку Мала Речица, зошто се тогаш телефонските повици до пратениците на помалите политички партии. Два пратеника од било каде на другата страна прават Влада. Не е само Мала Речица. Има многу центри. Мене не ми се јавиле, но слушам дека на други им се јавуваат. Умрено е тоа време – вели Јакимовски.

Високиот партиски функционер на ДУИ, Бујар Османи не се откажува од јавните повици за поддршка до Алијансата. Најновата порака до нив е дека гневот за изборните резултати треба да се надмине.

– Ајде да се собереме и да го избереме првиот албански премиер. Не ја пропуштајте оваа можност, не бидете на погрешна страна на историјата. Албанците го очекуваат ова од вас и од нас, рече Османи.

Познавачите во албанскиот политички блок велат дека зад ваквите секојдневни повици ДУИ го крие стравот дека дошло време да оди во опозиција.

ДУИ сплете пајакова мрежа која ќе ја одведе во опозиција: Заев може да формира влада и без Ахмети

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска на средбата со словенечкиот амбасадор во Скопје Милан Јазбек порачал дека неговата партија е стабилен и сериозен партнер подготвен да продолжи конструктивно да придонесува за државата.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Слободен Печат вели дека како што одбивањето на Албанец премиер им носеше на ДУИ гласови додека траеше кампањата, така сега нивното инсистирање на Албанец премиер може да ги изолира на политичката сцена.

– Оттаму главната стратегија на ДУИ во овој период е да ги обедини сите албански партии околу нивната идеја бидејќи така, таа сака да направи што е можно повеќе несогласувања помеѓу сите други партии за таа да остане единствен коалициски избор. Во таа комбинација најлесно им е да почнат со Села бидејќи Беса е помала и е во коалиција со СДСМ, а ДПА на Тачи има само еден пратеник. Така што логичен избор им е таа платформа прво да ја синхронизираат со Села, вели Арсовски.

Од Алијансата за Албанците вчера истакнаа дека невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на исто место.

ИНТЕРВЈУ Арбен Таравари: Невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска во интервју за А1 он истакна дека процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, истакна Заев, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот.

– СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалирање со сите партии што се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот концепт и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО. Структурите што заговараат идеи поинакви од демократскиот и европскиот концепт не припаѓаат во идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот