ДУИ оставија кеси со смет пред зградата на општина Гостивар, Таравари смета дека се на погрешна адреса

ДУИ остава кеси со смет пред општина Гостивар / 22 септември 2021 / фото: „Гостивар кој го сакам“/Фејсбук

Претставници на локалниот огранок на ДУИ и граѓанската иницијатива „Гостивар кој го сакам”, оставија десетици ќеси со отпад, во знак на револт и незадоволство од хигиената во Гостивар. Градоначалникот Таравари посочи дека станува збор за предизборна активност која е упатена на погрешна адреса.

Африм Аручи, е носител на листата за советници од ДУИ во обраќањето пред зградата на општина Гостивар посочи дека сметот е собран во различни делови.

– Нашите членови денес излегоа на терен и ја завршија работата која е обврска на локалните власти. Ги исчистивме населбите од ѓубре, бидејќи овие четири години чистотата во градот е под секое ниво и без институционална грижа.

Тука за да ѝ дадеме до знаење на јавноста, дека пред четири години Таравари зборуваше за чист град, а денес секој агол од градот е полн со ѓубре”, рече Аручи.

Тој посочи дека првиот човек на градот и по четири години не го исполнил ветувањето за инвестирање во депонијата Русино и решавање на проблемот.

Арбен Таравари градоначалникот на општина Гостивар запрашан за коментар за обвинувањата на политичките опоненти, ги отфрли како неаргументирани и дека тие се упатени на погрешна адреса.

– За депонијата треба да протестираат пред министерството за екологија, бидејќи таму уште не е завршена работата до крај. Но, навикнати се го обвинуваат Таравари за сè. Па така јас сум виновен и за многуте казина во градот, во Струга, во Чаир, за неизградената болница во Кичево па дури очекувам да ме прогласат за виновен и за неизградените автопатишта кон Блаце и Охрид. Убеден сум дека на 17 октомври ќе го добијат одговорот од граѓаните, рече Таравари.

Извор:МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот