ДУИ нема против да има нова влада и нов премиер

Али Ахмети Зоран Заев
Фото: Facebook/Зоран Заев

Средба помеѓу Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши беше клучна за идните чекори на власта. Односно, дали Заев ќе ги активира одложените оставки од премиерската и од лидерската функција во СДСМ и до крајот на декември Македонија да добие нова влада.

Иако е „повеќе од сигурно“ дека ќе биде составено, премиерот Зоран Заев, министри, пратеници… сите се ангажирани во проектот наречен окрупнување на владејачкото мнозинство. Ако се реализира, мнозинството ќе резултира со нов мандатар и со нова влада.

Од исходот на клучната средба помеѓу Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, која е во тек, зависат и идните чекори на власта. Односно, дали Заев ќе ги активира одложените оставки од премиерската и од лидерската функција во СДСМ и до крајот на декември Македонија да добие нова влада.

И покрај првичното противење, лидерот на ДУИ Али Ахмети сега нема толку голем проблем со оставката на Заев од премиерската функција, односно со најавата за нов мандатар и нова влада. Висок функционер од ДУИ за „Слободен печат“ вели дека за партијата е важно да има стабилна, проевропска влада, иако додава дека добро би било Заев да остане премиер. Според него, ако Алтернатива стане дел од власта, пореална опција е реконструкција отколку нова влада со нов мандатар. Нашиот соговорник претпоставува дека можеби Гаши не би прифатил да влезе во Владата ако Заев не е премиер.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е оптимист дека по средбата Заев-Гаши ќе се зголеми владејачкото парламентарно мнозинство, кое ќе ја предводи Владата во наредните две и пол години до редовните избори.

Потврда дека власта веќе има 61 пратеник и дека битката е да се обезбеди уште четворица нови, дојде од координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски и од генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски.

– Имаме мнозинство во Собранието. Кастриот Реџепи се изјасни дека останува во мнозинството, има и други пратеници со кои се разговара и кои во минатиот период давале поддршка и очекувам тие имиња да се споменат. Во овој момент имаме 61 пратеник – рече Митревски.

Николовски тврди дека има сигнали од опозицијата, кои даваат поддршка за евроатлантските процеси. Тој ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека ако се обезбеди стабилно мнозинство, Заев ќе ги активира оставките.

– Ние го овластивме претседателот Заев со заклучок на Централниот одбор да ја повлече оставката и од лидерската и од премиерската функција сѐ додека не обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство кое во следните две и пол години ќе ги продолжи реформите, ќе работи на обезбедување на датум. Очекувам следната недела Централниот одбор да ги почне постапките, да се дискутира за тоа дека имаме гарантирано стабилно мнозинство – рече Николовски.

Пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, кој минатата недела со недоаѓањето во Собранието ги урна надежите на опозицијата за уривање на Владата, поведе иницијатива во парламентот за обединување на прогресивните сили, особено на пратениците за задржување на евроатлантската перспектива на земјава во пресрет на претстојните самити на Европската Унија.

 – Сакам да ги повикам сите прогресивни сили, особено апелирам меѓу пратениците во парламентот кои знам дека го делат овој политички став но во моментов се блокирани од своите политички групации, да ми се придружат и да се обединиме за да може нашиот политички став да добие ефективна реализација – вели Реџепи.

Тој информира дека за иницијативата веќе го направил првиот чекор  и дека по средбата со премиерот Зоран Заев, вчера се сретнал и со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Добив силна потврда за големиот број активности што се преземаат и од наша стана, но и од нашите меѓународни пријатели за да се одблокира овој процес, активности во кои целосно верувам и поради тоа ќе го вложам целиот мој политички капацитет – вели Реџепи.

Османи оцени дека пратеникот донел мудра политичка одлука и со своето политичко делување го зачувал евроатлантскиот курс на земјата, не дозволувајќи притоа загрозување на процесот на интеграции во еден чувствителен период кога се очекува да бидат донесени клучните одлуки.

– Со особено задоволство прифатив да упатиме заеднички повик за политичка консолидација на сите прогресивни сили во земјава со цел искористување на претстојните можности кои ги нудат зимските самити на ЕУ и за остварување на стратешките цели на државата – рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот