ДУИ не дава гаранции за безбедноста, Мицкоски смирува: Тензии пред седницата на Уставен за Законот за јазиците
Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Предупредувавме и еден од тие обиди е и ова. Има места каде се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Работиме со нашите стратешки партнери и ниту тие ниту ние ќе дозволиме да има безбедносни проблеми, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски.
Растат тензиите во пресрет на расправата на Уставниот суд за уставноста на Законот за употреба на јазиците, закажана за 11 декември. Предупредувања до Судот, однапред неприфаќање на судската одлука, закани за дестабилизација и несигурна иднина, бегање од одговорност за последиците се дел од подгревањето на атмосферата. Судот одбива да коментира политички ставови, притисоци и предупредувања кои, пак, доаѓаат од албанскиот политички блок, но загрижува и најавата на уставните судии-Албанци за бојкот на седницата.
ДУИ предупреди дека ако се укине Законот, последиците ќе бидат непоправливи, но се амнестираат од одговорност за тоа што може да се случи потоа. Од партијата на Али Ахмети предупредија дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата.
ДУИ нема да преземе одговорност
– Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и заемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина. ДУИ го смета овој момент за клучна точка, каде секој чекор што има за цел да ја наруши оваа деликатна рамнотежа претставува премин преку Рубикон. Ако еднаш оваа линија се премине, нема враќање назад – смета ДУИ.
„Интегративците“ додаваат дека ако Уставниот суд одлучи да го укине Законот за јазиците последиците ќе бидат далекусежни, а тие нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа.
– Уставните судии од албанска етничка припадност јавно изјавија дека ќе ја бојкотираат оваа седница и одлучување што го прави уште поопасно едностраното решение за укинување на одредбите од законот за јазиците. Овој бојкот е јасен показател дека ваквите напори за укинување на 10 члена од овој закон имаат длабоко дискриминаторска природа и целат на поништување на албанскиот јазик на институционално ниво – велат „интегративците“.
ДУИ апелира граѓаните, политичките лидери и меѓународната заедница да дејствуваат за да го спречат чинот кој, како според нив, ја загрозува стабилноста на земјата и регионот.
– Албанците и сите заедници кои веруваат во правда и еднаквост не можат да молчат пред оваа закана. Ова не е момент за останување индиферентен. Ова е момент за избор на вистинската страна на историјата. Ќе направиме сè за да го заштитиме мирот и стабилноста, но одговорноста за последиците ќе биде на оние кои избраа да го предизвикаат и да ја загрозат иднината на земјата – соопшти ДУИ.
„Слободен печат“ веќе објави дека седницата ќе се одржи на 11 декември и дека една од опциите на судиите-Албанци за да го спречат одлучувањето на Уставниот суд е бојкот на седницата. Ова сега и официјално го потврди уставниот судија Осман Кадриу во интервју за телевизијата Алсат, како и вицепремиерите Арбен Фетаи и Изет Меџити.
Седницата на Уставен за Законот за јазиците ќе се одложува на неодредено?
Кадриу во интервјуто вели дека пред Уставниот суд се оспорени 18 члена, кои се поднесени преку 13 иницијативи од 46 субјекти, вклучувајќи академици, професори и политички партии. Тој вели дека досега во јавноста не е споменато дека е оспорен членот во кој во заграда е напишан албанскиот јазик.
– Во досегашното мислење беше кажано дека се оспорени 2-3 одредби. Не! Оспорени се 18 одредби. Доколку се оспорат 18 одредби од законот за јазиците, тоа значи оспорување на половина од законот. Ако Судот со мнозинство гласови ги прифати забелешките и ги укине, тогаш немаме закон – вели Кадриу.
Тој потврди дека со колегата Насер Ајдари остануваат на ставот дека нема да учествуваат на седницата, зашто за нив е неразумно да бидат дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански национален карактер.
Вицепремиерот Фетаи од конференција во Брисел најави проблеми во одлучувањето по Законот, а додаде и дека е неизвесно е што ќе се случува по одлуката на Уставниот суд.
– Во наредните неколку дена очекувам проблеми поради Законот за употребата на јазиците кој беше оспорен во 2018 година и ќе видиме што ќе произлезе од тоа. Денеска дознав дека уставните судии кои се дел од немнозинските заедници нема да присуствуваат на седницата – рече Фетаи.
И првиот вицепремиер Меџити вели дека има најави оти на седницата на Уставен суд нема да присуствуваат двајца судии. Тоа, според Меџити, ќе значи дека одлуките нема да бидат легитимни.
– Имаше изјава од претседателот на Уставниот суд дека треба да бидат присутни сите девет члена. Веќе има најави дека двајцата судии Албанци нема да присуствуваат на седницата, така што нема да биде легитимно каква и да е одлуката без нивно присуство – рече Меџити.
Според него, јавноста дискутира за законот поради нецелосните решенија и досегашните политики кои ги водела ДУИ.
– Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Поради нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Да беше ова прашање апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови, денес немаше да биде тема на дискусија – рече Меџити.
Според него, ова е чувствително прашање и треба разумно да се пристапи.
– Рамковниот договор е дел од уставниот поредок на Република Македонија. Врз основа на Рамковниот договор и сите тие кои посакуваат добро на државата, добро на меѓуетничките односи, на стабилноста, треба разумно да пристапат кон овој договор. Нема да навлезам во работата на Уставниот суд, само повикувам дека ова не е правно прашање, туку и политичко прашање што ја тангира и стабилноста на државата – рече Меџити.
Мицкоски: Заканите на ДУИ нема да се рефлектираат врз безбедноста
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека заканите на ДУИ нема да се рефлектираат врз безбедноста на државата.
– Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Предупредувавме и еден од тие обиди е и ова. Има места каде се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Работиме со нашите стратешки партнери и ниту тие ниту ние ќе дозволиме да има безбедносни проблеми – рече Мицкоски.
Сепак, неизвесно е како ќе постапи Судот ако дел колеги бојкотираат, зашто од таму не сакаат да коментираат хипотетички ситуации.
– Судот нема да коментира ничии ставови. Седницата на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември – велат од Уставен.
Уставниот суд неодамна најави дека предметот во кој е оспорен Законот за употреба на јазиците ќе биде ставен на седница на која ќе присуствуваат сите 9 судии. Но дали ќе се почитува заклучокот за присуство на сите судии или ќе има нов предлог, ќе се знае на самата седница на Судот.
Претседателот на Судот Дарко Костадиновски во телевизиско интервју рече дека со законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.
– Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам – рече тогаш Костадиновски.
Претседателот навести и дека е можно да се искористи алатка од новиот акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.
– Сите опции се во игра кога зборуваме за Законот за употреба на јазиците. И подготвителна за материјалниот дел. Венецијанската комисија излезе со мислење за законот, но ние имаме право да побараме Аmicus curiae, тоа се вика пријателски совет, ако утврдиме спорни правни прашања – рече Костадиновски.