ДУИ: Коалицијата Левица–Беса–Алијанса му штети на европскиот пат
Наводното опозициско мнозинство од 61 пратеник во состав Левица, Алијанса, Беса, ВМРО и Алтернатива ги загрижи нашите граѓани, но и регионот и нашите сојузници во Брисел и Вашингтон, соопшти ДУИ.
Овој обид за мнозинство со право медиумите и граѓаните го оквалификуваа како анти-НАТО, анти-САД, анти-ЕУ, но и против признавањето на Република Косово и против Охридскиот, Преспанскиот договор и договорот за добрососедство со Бугарија.
Оваа група на егзекутори на европската и евроатлантската перспектива на Северна Македонија сериозно го наруши имиџот на нашата земја и институционалната стабилност, но и кредибилитетот на интегративниот процес.
Стимулирањето на кризата и предвремените избори директно го загрозуваат отворањето на преговорите со Европската унија во декември годинава, велат од ДУИ.
Авантурата на кумовите на коалицијата Левица, Села и Таравари заедно со Касами и Хоџа ги урива темелите на политичкото организирање на Албанците и нивните аспирации за еднаквост и интеграција.
Длабокиот пораз на локалните избори на сите овие партии заедно им го замати разумот обединувајќи ги да го поразат ДУИ, но уште полошо, да ја уништат европската иднина, меѓуетничките и меѓусоседските односи како и сите достигнувања на Охридскиот Договор, стои во соопштението од ДУИ.