Во Демократската унија за интеграција (ДУИ), но и кај социјалдемократите на Зоран Заев негираат дека имаат некаков договор за локалните избори, но не ја исклучуваат можноста да се зборува за можна коалиција.
– Нема склучено договор со ДУИ за локалните избори. Ние сме отворена партија и можеме да разговараме за можна соработка, велат од СДСМ за „Слободен печат“.
Пратеничката од ДУИ, Арта Билали-Зендели вели дека оваа тема сe уште не е отворена во партиските тела, но дека нејзината партија ќе се натпреварува со своите кандидати во сите општини со албанско мнозинство.
– Се уште не е разговарано за такво нешто во партиските тела. ДУИ ќе учествува со кандидати во сите општини каде што ќе процени дека нејзиниот кандидат ќе победи, вели Билали-Зендели за Слободен Печат.
Движењето Беса е во процес на структурање на своето членство, што ќе биде проследено со реорганизација на локалните структури, информира пратеникот Кастриот Реџепи.
Тој во изјава за „Слободен печат“ вели дека паралелно се работи на подготовка на акциониот план за локалните избори што ќе го одобрат партиските тела.
– Ние сме во фаза на формирање работна група која ќе ја подготви програмата за локалните избори. Движењето Беса се подготвува да учествува сама на локалните избори, ни изјави Реџепи.
Од Движењето БЕСА на Билал Касами исто така велат дека вратите за соработка со албанските партии се отворени, особено за оние општини што можат да ги водат Албанци.
Од друга страна, албанската опозициска коалиција Алијанса-Алтернатива ќе учествува заедно на локалните избори. – Коалицијата ќе дејствува заедно. Заедно ќе одлучиме за кандидатури каде најважен критериум ќе бидат вредностите на кандидатите. Ќе ги избереме кандидатите во зависност од поддршката што ќе ја имаат од граѓаните. Ова ќе се провери преку внатрешни анкети што партиите ќе ги прават за кандидатите кои ќе бидат во трка, изјави за „Слободен печат“, пратеникот на Алијанса, Сирија Рашиди.
Во меѓувреме, лидерите на оваа коалиција не ја исклучија можноста за соработка со партиите од македонскиот политички блок на локалните избори во октомври.