ДУИ е единствениот профитер од тиранската средба

петар арсовски
Петар Арсовски, политички аналитичар / Фото: Слободен печат

Она што најмногу ме загрижува од средбата во Тирана е етничкиот предзнак на оваа иницијатива, секако поттикнат од мантрата на ДУИ – „ние, и само ние, сме Албанците“.

Деновиве главна тема во стручната и на пошироката јавност е состанокот на албанските партии од Македонија кај Еди Рама. Најавата за ваква средба уредно поттикна лавина анализи, коментари, реакции и шпекулации, поставени и на политичка и на етничка оска. Од поделбите и „фаќањето позиции“ кај албанските партии, преку одекот од оваа најава кај македонските партии, па дури до официјален став на владата и институциите. Се прашувам дали дигаме многу врева околу ништо или, сепак, контекстот во кој се одвива оваа средба има причини да не направи загрижени за динамиката на односите во регионот, особено поврзано со најавите дека оваа година ќе биде значајна за евроатлантскиот пат на целиот Балкан?
Најнапред, мислам дека не е фер да бидеме загрижени зашто албанските партии се среќаваат за некаква координација, без оглед дали се работи за принципиелна, идеолошка, или политичка платформа. Таквиот политички дијалог не може да е на штета на албанските гласачи или на општата политичка сцена, без оглед дали на некоја македонска политичка партија и се допаѓа или не – потребата за некаква заедничка визија за иднината на земјата, особено врзано со нејзиниот евроатлантски курс, е повеќе од очигледна. Неопходните реформи, заглавените процеси во институциите, предизвиците кои не очекуваат во 2023 и понатаму секако се нешто за кое би било добро да имаме минимум натпартиски консензус, наместо да ги поништуваме и почнуваме на секој изборен циклус. Така, прашањето не е зошто албанските партии разговараат едни со други, туку зошто и македонските партии не го прават истото?

Наметнат дијалог

Сепак, остава непријатно чувство кога оваа легитимна потреба од натпартиски дијалог, мора да се случува надвор од државата за која на таквиот состанок впрочем и се разговара. Долгата системска политичка криза, високите тензии во политиката, но и недостатокот од институционална инклузивна рамка, за жал направија единствена опција да биде разговорите за иднината на Македонија (како што изјавуваат партиите), да се одвиваат надвор од Македонија.
Недостигот на доверба, дури и во овој случај, каде што БЕСА не отиде на средбата воопшто, секако го нарушуваат угледот на нашата политичка сцена, особено што овој патерналистички потег ги прави сите учесници на масата, на еден или на друг начин, политички адолесценти – конечно седнати на масата со возрасните. Тој комплекс не е добар за политичката сцена, иако секако постои и кај македонските партии: сведоци сме дека единствен формат во кој тие воопшто разговараат едни со други, најчесто е поттикнат од меѓународната заедница, па и тогаш, со сериозен бејбиситинг. Ако од ваквите координации научиме нешто, секако правата лекција треба да биде дека самите мора да изградиме дијалог, наместо некој друг да ни го наметнува.
Причините и темите на средбата не се голема тајна, ниту драматично изненадување. Геополитичкиот притисок на регионот за стабилизација на евроатлантскиот пат и забрзување на евроинтеграциите, прават главните проекти во регионот секако да се уставните измени во Македонија, дијалогот Белград-Приштина, стабилизација на политичката состојба во Црна Гора, и продолжување на реформите во Албанија и Босна и Херцеговина. Во најмалку три од овие главни проекти, Албанците од регионот ќе имаат клучна улога. Дополнително, на албанската политичка сцена секогаш постоел еден мачо-патернализам, односно премолчен натпревар за тоа кој е „лидер на Албанците“ во регионот. Таквото сознание секако влијае врз понудата на Еди Рама за заедничка средба. На крајот, домашната политичка динамика секако е фактор во овој потег, каде наближувањето на некои посериозни политички превирања секако влијае на оваа иницијатива.

Ќарот (само) за ДУИ

Токму поради домашната динамика на односите, не треба премногу да не изненадува отпорот на другите албански партии кон ваквиот потег. Без оглед на мотивите и можеби искрените желби за ваквата средба, факт е дека од оваа иницијатива, ДУИ е единствената партија која е позиционирана да има ќар, додека другите партии речиси сигурно се позиционирани да имаат само зијан. Тоа не е неопходно некаква стратегија на заговор, едноставно, такви се политичките околности во последните неколку години. Впрочем, тоа се покажа и со претходната средба, каде што од заедничката платформа, повторно, ќар имаше исклучиво ДУИ.
Еве зошто мислам дека ДУИ е повторно позиционирана како единствена партија која од ваквата иницијатива има сериозен политички бенефит. Долгото практикување на власта секако создава динамика во која албанскиот политички пазар е флуиден, односно создава притисок за промени. На еден или на друг начин, таквиот притисок ќе се насочува против партијата на власт, поради природата на политичката конкуренција. Оттаму, Ахмети знае дека, ако ДУИ не успее да ги спои албанските партии со нив, тие природно ќе се спојат против нив, а тоа е најсериозната закана за ДУИ во моментов.
Затоа, покрај иницијативата за спојување на Алијанса во Владата, на ДУИ одлично му доаѓа оваа средба и обидот за заедничко делување. Во која било таква комбинација, јасно е дека лидерот на таа коалиција, како партија со најголем гравитациски капацитет, сепак би била ДУИ. Оттаму, за нив, од сите можни сценарија, најдоброто е да спречат спојување на другите албански партии, или, доколку почувствуваат дека таквото спојување е неизбежно, тие да бидат во неговиот центар.
На крајот, не се спорни ниту инцијативите за заедничко делување, ниту, пак, политичките калкулации што секој од учесниците на таа средба ги прави, тоа е, на крајот на денот, редовен дел од политичкиот фолклор. Она што најмногу ме загрижува е етничкиот предзнак на оваа иницијатива, секако поттикнат од мантрата на ДУИ – „ние, и само ние, сме Албанците“. Дополнителен проблем е што таков дијалог не постои кај другите партии, но уште повеќе, што ваквиот формат, чиј реактивен одек секако ќе биде башка дијалог на македонски, башка координација на албански партии, непријатно ме потсетува на нова политичка гетоизација по етничка оска.
Најсреќен ќе бев доколку сите партии (албански и македонски), сепак смогнеа сили дома, самоиницијативно, да седнат на заедничка маса и да се договорат за некои основни заеднички приоритети за нашето општество.

Авторот е политички аналитичар

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот