ДУИ дуваше свеќички од две торти

Фото: ТВ21/принтскрин

„Артанистите“ во Скопје организираа панел-дебата „Европски фронт“, а фракционерите со прослава во Тетово покажаа дека не отстапуваат од ДУИ.

Прославата на 21-виот роденден на ДУИ го зацементира расколот помеѓу „aртанистите“ и „огнените“. Првите славеа во Скопје со дебатата „Европски фронт“, а фракционерите со прослава во Тетово покажаа дека не отстапуваат од ДУИ.

Интегративците првпат излегоа и со различни пораки и приоритети. Додека за лидерот на партијата Али Ахмети не смее да се пропушти моментот за уставни измени, фракцијата порача ДУИ на патот кон ЕУ да не се изгуби себеси, односно идеалите зацртани во 2002 година.

Ахмети изрази голем оптимизам дека за три-четири години земјава ќе биде членка на ЕУ.

„ Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам. Без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка држава може да биде пример за решавање на проблемите“, рече Ахмети и додаде дека „ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за три-четири години ние ќе бидеме членка на ЕУ бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза“.

Тој смета дека уставните измени се неопходни, а за тоа да се постигне потребно е помирување меѓу сите субјекти што имаат одговорност за судбината на државата.

„Може да се постигне помирување и да се стават пред себе интересите на државата и иднината на генерациите. Тоа се историски и одлучувачки моменти, а настрана да бидат дневните политички интереси. Да не биде приоритет дали ќе ги добиеме наредните избори, туку приоритет да биде дали ќе ја постигнеме најголемата услуга за нашите граѓани со членството во ЕУ“, рече Ахмети.

„Огнените“ велат дека роденденот го одбележуваат како фракција, но и дека не добиле покана за заедничка прослава. „Артанистите“, пак, со реторички одговор дали фракционерите се ДУИ.

„Ако се, сите се поканети, поканата е јавна за сите членови и активисти. Само тие што не се ДУИ чекаат посебна покана. Тие што се домаќини нема кој да ги кани дома“, велат од ДУИ.

Фракционерите велат дека не прават паралелна прослава, туку дека дејствуваат како фракција и дека има доволно простор внатре во партијата да дејствуваат со свои политички ставови, да ги афирмираат своите гледишта и да дејствуваат во рамките на ДУИ. Историјатот на партијата, актуелната политичка ситуација, измена на Уставот и во делот на замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“, внатрепартиските избори се само дел од нивните пораки. Тие демантираат дека ќе формираат нова партија.

„Напротив, на внатрепартиските избори кои „артанистите“ ги прават во тајност, ќе номинираме свои кандидати за претседатели на ограноците. Партија не правиме, битката ја водиме за реформирање на ДУИ“, велат „огнените“.

Откако на Централното претседателство ДУИ ги „самоисклучи“ фракционерите од партиските функции, на внатрепартиските избори за претседател на чаирскиот огранок засега се пријавил Беким Незири, кој треба да дојде на местото на Изет Меџити. Се очекува „огнените“ да номинираат свој кандидат за Чаир, но и за сите ограноци каде што ќе се организираат избори.

Новинарот и аналитичар Исен Салиу смета дека фракцијата ќе ги користи сите можности да остане во ДУИ.

„Но, не на маргините како што е сега, туку да се избори за враќање на позициите што некогаш ги имаше и во партијата и во владата. Засега нивното делување ми изгледа во правец на докажување на нивната теза дека за партијата придонеле и можат да придонесат многу повеќе отколку што партијата им враќа. Една од нивните главни тези е исто така дека претседателот на партијата не е против нив, туку е „заложник” на Груби. Мое е мислење е дека со овој стил фракцијата ќе оди најмалку уште до следните избори, кога ќе стане појасно дали практично и формално ќе можат да дејствуваат вака, или ќе мора да градат своја куќа“, смета Салиу.

Салиу вели дека „тежината“ на „огнените“ кај електоратот е релативна и тешко се проценува.

„Извршната власт во моментот е во рацете на „ахметистите“ т.е. „артанистите“, па можно е сега многу кадри и активисти да се приклонети на нивна страна за да не ги изгубат функциите, но пред изборите ситуацијата може да се смени“,  вели Салиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот