Дуел за полумртва публика

Зошто имаше дебата помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, односно, сфаќам зошто немаше вистинска дебата; сфаќам затоа што на другата страна, во политичка смисла, немаше апсолутно никој.

Среда во Скопје, сончево и топло, со задоволство се шетам низ скопските улици, го гледам сиот тој расфрлан барокен кич на сите страни и се прашувам што да зборувам за конкретните теми што ми ги зададе Сеад Ризвановиќ, новинарот на телевизијата „24 вести“, на која треба да гостувам во неговата угледна и респектабилна емисија „Анализа 24“.

Фрлам поглед кон раздвижениот плоштад „Македонија“, сè е исто како порано, ама не за мене: помеѓу мене и Скопје се испречува некоја сила, некоја енергија за која немам одговор да ја објаснам, како да ми го затвора протокот на кислород во градите. Веднаш потоа погледот ми се префрла до старата и „добра“ постојка на Рекорд на која запира раскантана „дваесет и тројка“, долго и бучно гомненце од минатиот век, остаток од речиси полууништениот градски јавен превоз, римејк-филм на мојот живот во Скопје во средината на деведесеттите години.

Беџот како камен-темелник

Потоа помислувам: а кој ти е крив, море, Јовановиќ, што твоите предци не биле со клацкави и лакирани чевличиња што маршираат низ „театарските“ шанзелизе улици, туку по цел ден се акале на ниви, бавчи и куќи, ги расправале коњите и молзеле кравите, едните на релација Прилеп-Цер-Кичево, а другите Аранѓеловац-Лазаревац-Медошевац. На театар слабо оделе, некако им изгледало глупаво и „зафрлено“ место.

Прочитајте и...  Компјутер за секој пратеник

Среда е, велам, а телевизиските медиуми ја диктираат темата, те притиска таа ѓаволеста направа и тебе, па се обидуваш да дадеш мал коментар за дуелот на Заев-Мицкоски. Амбивалентен сум, час помислувам како тој смехотресен излив на „покондиреност“ не треба да се пушти да помине без адекватно сместување наречено „recycle bin“, а потоа заклучувам дека не е вредно ниту за најмало „цимање“. Зошто да се трошат зборови за такво дебатирање?

Знае Мицкоски, а уште повеќе знае Заев каква е оваа земја; знаат и двајцата што материјал има во оваа земја, а богами знаат и тоа што во оваа земја е оставено. Знаат и двајцата за какви чевлички станува збор. Тука, почитувани, не останува место за дебата, затоа што на другата страна, онаа страна која се нарекува „опозициска“ нема никого. Нема никого затоа што некој што се одsива на „Мицкоски“ се скрил во таа шуплина што се нарекува „име“ и „идентитет“, и што може човек да прави со тие теми?

Ви велам повторно, среда е, во Скопје е убаво и сончево, јас завршувам со набљудување и почнувам да пишувам колумна во првото кафуле на кое наидувам. Беше најавено како „дуел на столетието“; дуел на милениумот; од една страна премиерот Зоран Заев беше пристоен и благ, човек со елементарна човечка памет; на другата страна весел и разулавен управник на компромитирана партија – политичка „персона драматис“, која е во основа без име и презиме: вреска кон премиерот, го напаѓа на лична основа, го прашува „дали неговиот татко крадел струја“, го прашува што правеле неговите фирми и неговата фамилија во тие фирми.

Прочитајте и...  Трла баба лан, да јој проѓе дан

Гледате, вистински режисер во најлошата претстава која некогаш сте ја виделе или не сте ја виделе (како еден вид паратеaтарска претстава со „беџот на Република Македонија“), како еден вид камен-темелник за воспоставување нова театарска естетика на парапатриотскиот „Македонец“, ама фијаското потона во океанот од сеопшта заебанција и трансфер на непријатност, како еден вид заулавен каубоец кој дошол од никаде и отишол никаде. Па уште на тоа и го додаваат како „лидер на опозицијата“, веројатно убедувајќи се дека ќе го измени виртуозниот драмски ефект, а со тоа ќе придонесе за „ново“ препознавање на „националната куќа“ ВМРО-ДПМНЕ.

Заглупувачки седативи

Овие работи погоре убаво би му звучеле на некој неупатен, таа „измиена визура“, само што таа партија денес во политичка смисла не вреди ни пет пари. Без разлика колку луѓе тој „драмски ефект“ го препознаваат.

Прочитајте и...  Компјутер за секој пратеник

На другата страна се наоѓа Зоран Заев, направи човекот за неполни две години антологиски одлуки и договори; не водеше тој човек своја лична, приватна агенда, а камоли идеологија; го одработува мандатот како што знае и умее, па сега, во периодот што следува, веројатно, се надеваме сите, ќе си дојде сè на свое место. А би можело и вака: оваа земја се уште е наклукана и полумртва од заглупувачките седативи на Груевски, состав од најтоксичен вид; и, во таква состојба, дали би можело да имаме нешто друго освен полумртва публика?

Што ли, се прашувам, во пролетното и сончево Скопје мислат за овие прашања сите оние луѓе кои поминуваат горе-долу на улицата Македонија? Прашањето е, се разбира, реторичко, затоа што со голема веродостојност се убедувам дека не мислат апсолутно ништо. Многу е просто: затоа што нив за овие прашања непосредно воопшто не им е гајле. А најчесто така тоа и тргнува: ќе си забранат себеси да мислат надвор од контекстот затоа што во спротивно би можело да не им се допадне каков е контекстот во кој се нашле. А богами нема да биде ниту важно, затоа што сите ќе бидат хранети од иста лажичка, ќе сркаат од ист казан.

Поврзани вести

Компјутер за секој пратеник

Трла баба лан, да јој проѓе дан

Сашо Орданоски

Освојување на слободата

Сашо Орданоски

Идеолошкиот свињарник и голотијата на заробените умови

Џабир Дерала

Улогата на Хичкок во македонскиот криминал

Сашо Орданоски

Полицискиот час повторно чука на врата!

Михаило Донев

Остави Коментар