
Двобој кај гасоводот
На Словаците сè уште не им е ладно. Сè уште имаат гас во резерва, до понатамошно известување. Од Нова година Украинците ја затворија “чешмата“, а рускиот гас не стигна до Братислава.
Спорот меѓу двете земји започна откако Киев ја прекина испораката на руски гас во Европа по завршувањето на транзитниот договор меѓу Киев и Москва.
Препорачано
Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Украина „братски“ му понудила помош на словачкиот народ во периодот на прилагодување кон недостатокот на транзит на гас од Русија, но дека Братислава вратила со негативна реакција.
„Добро е што словачкиот премиер Фицо конечно се врати од својот одмор во луксузен хотел во Виетнам и сега е во Братислава. За него лично, тоа мора да биде предизвик – да се префрли од луксузен живот во обид да ги поправи сопствените грешки“, напиша Зеленски на X.
Зеленски тврди дека било јасна грешка Фицо да се надева дека неговите тајни планови со Москва ќе продолжат на неодредено време.
„Ние понудивме да им помогнеме на народот на Словачка за време на нивното прилагодување кон отсуството на транзит на гас, но Фицо арогантно одби“, истакна Зеленски.
„Вистинскиот проблем е што тој се обложи на Москва, не на сопствената земја, не на обединета Европа и секако не на здравиот разум. Од почетокот тоа беше губитнички облог“, му рече Зеленски на Фицо.
Тој изрази надеж дека понатамошната диверзификација на енергетските извори во Европа, соработката со Европската комисија и спроведувањето на политиката на Трамп за зголемување на снабдувањето со американски гас на континентот ќе помогнат во решавањето на предизвиците.
Словачкиот премиер Роберт Фицо минатата недела објави дека обезбедил снабдување со гас за Словачка за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Москва минатиот месец, пред Украина да го прекине транзитот на гас од Русија.
Фицо изјави дека Словачка ќе го добие гасот што се обврза да го испорачува од Русија, но дека проблем за Братислава е прекинот на транзитот на руски гас преку Словачка до другите западноевропски земји и губењето на транзитните такси.
Фицо рече дека по запирање на транзитот на гас преку Украина, треба да се користат алтернативни патишта за транзит на гас, како што е гасоводот низ Унгарија.
Словачкиот премиер повтори дека Словачка ќе загуби 500 милиони евра даноци поради прекинот на транзитот на гас. Тој рече дека со запирање на протокот на гас низ Украина, Европа ќе изгуби приближно 13,5 милијарди кубни метри гас, што ќе изврши притисок врз цените, кои, според него, во моментов се пет пати повисоки отколку во САД.
Фицо потсети дека, доколку ситуацијата не се промени во рок од неколку недели, ќе иницира реципрочни мерки против Украина, кои веќе ги најави во четврток. Како пример за реципрочни мерки, Фицо го наведе прекинот на снабдувањето со електрична енергија за Украина, стопирањето на хуманитарната помош или дури и ставањето вето на понатамошната помош за Украина од ЕУ, пренесува Политика.
Фицо исчезна од очите на јавноста по неговата посета на Путин на 22 декември. Словачките медиуми објавија дека тој бил на одмор во Виетнам и престојувал во луксузниот хотел „Капела Ханои“.
Тој се врати, а Зеленски го обвини за ароганција и пакт со Москва.
Рационалниот Фицо не сака гас по ненормално висока цена, Зеленски „му држи лекција“ и го кани во петок да дојде во Киев на преговори, пишува „Политика“ во анализата.
Да не беа во прашање двајца европски лидери, публиката ќе мислеше дека се караат шефовите на две конкурентски компании. Не смее да се изгуби од вид дека зад се стојат сериозни интереси, а ударите „под појас“ се за публика која не е расположена за забава.