ДСЗИ: На Инфективна строго се почитуваат препораките за употреба на лична заштитна опрема од страна на здравствените работници

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера извршил вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и притоа не се констатирани никакви недостатоци.

Вонредниот надзор ДЗСИ го направил во согласност со заклучоците на Главниот координативен кризен штаб за почитување и примена на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници при укажување здравствени услуги согласно нивоата на здравствена заштита и ризикот од  КОВИД-19, а со цел спречување на ширење на инфекцијата.

– При надзорот во Клиниката е констатирано дека строго се почитуваат препораките за употреба на лична заштитна опрема од страна на здравствените работници, како и соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект, соопшти владината прес-служба.

Во извештајот се посочува дека во Клиниката се хоспитализирани само пациенти со инфекција од КОВИД-19 и во моментот на надзорот имало вкупно 77 пациенти, од кои на респиратор биле 11 пациенти, но и дека имало уште слободни респиратори и болнички легла.

– При инспекцискиот надзор е констатирано пред влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и лична заштитна опрема (ЛЗО – медицински маски, заштитни маски N95, капи, каљачи, заштитни очила, визири, ракавици, три вида на мантили, скафандери, ПВЦ престилки – сите за еднократна употреба), која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија и слично).

Согласно протоколите за употреба на ЛЗО, во зависност од медицинската интервенција и степенот на ризик, испечатени се протоколи и протоколи во вид на постер се поставени видливо над пултот со ЛЗО.

За време на вонредниот инспекциски надзор од страна на ДСЗИ е утврдено дека пред влезот во филтер зоната кон болничкиот оддел постојано има лице кое проверува како е облечен здравствениот работник пред влез за работа со пациент.

– Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два  часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце согласно протокол, се наведува во соопштението.

Исто така е утврдено дека Клиниката располага со адекватна количина на личната заштитна опрема, која се дистрибуира од централен магацин кон одделите на дневно ниво и по изјавите на вработените лица констатирано е дека ваква опрема секогаш имаат соодветно на потребите.

Воедно покрај пултот со ЛЗО и во филтер зоната пред излез од болничкиот оддел се наоѓа наменска амбалажа за медицински отпад, а се почитуваат и протоколите за невкрстување на чисто и нечисто на ниво на целиот клинички објект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот