„Држете ни палци“: Ѕвездите од „Дајте музика“ ќе нѐ претставуваат на Јуниорскиот Евросонг 2021

Фото: Фејсбук, „Дајте музика“

Преслатките ѕвезди од детскиот телевизиски серијал „Дајте музика“ ќе нѐ претставуваат на 19. издание на Јуниорскиот Евросонг 2021.

– Драги наши обожаватели, чест ни е да ви соопштиме дека оваа година во декември во Париз, ќе ја претставуваме Македонија на Јуниорскиот Евросонг. Држете ни палци. Благодарност до МРТВ за дадената шанса, стои во објавата на „Дајте музика“ на нивниот официјален Инстаграм профил.

Како што информираат од МРТ, оваа година тие решија да го искористат правото на интерна селекција и избор на претстaвник на оваа престижна манифестација, согласно со актуелната состојба од пандемијата на ковид-19 и воведувањето на новите заштитни мерки и протоколи.

– Песната со која ќе се претстави нашата земја ќе биде избрана и промовирана во следните неколку месеци. На неа ќе работат композитори кои веќе соработуваат во проектот и добро ги познаваат вокалните и артистичните капацитети на децата од шоуто, велат од МРТ.

„Дајте музика“ е копродукциски проект на Македонската телевизија, кој е еден од најпопуларните и најгледани телевизиски програми за деца кај нас. Во него, главни протагонисти се токму групата мошне талентирани актери и пејачи кои за кусо време станаа идоли на новата генерација.

Оваа година, 19. издание на Јуниорскиот Евросонг ќе се одржи на 19 декември во спектакуларната концертна сала „La Seine Musicale“, во градот на светлината, Париз.

Видео на денот