Државните инспектори се потпираат на мерења на приватни лаборатории

Загадување на воздухот во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Дваесет години откако е основана, Државната лабораторија за мерење на загадувањето уште не е акредитирана и не може да утврдува кој и колку го загадува воздухот, водата и почвата во земјава. Додека не биде целосно акредитирана, оваа лабораторија која треба да биде референтна и да биде најрелевантен извор на податоци за емисиите и за изворите од каде што тие се емитуваат, не си ја врши својата функција.

Инспекторите за животна средина кои треба да ги ловат загадувачите и натаму се потпираат на мерењата кои ги прават комерцијалните лаборатории, чии клиенти истовремено се и самите индустриски капацитети и загадувачи.

На прашањето кога конечно државата нема да зависи од други лаборатории во утврдувањето кој и со што го загадува амбиенталниот воздух, Министерството за животна средина, во чиј состав се наоѓа Државната лабораторија, со одговор дека засега не планира да акредитира поединечни методи за мерење на најголемите загадувачи во воздухот бидејќи нема пари, туку само за четири методи за отпадни води и една за определување бучава.

„Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП го започна процесот за имплементација на Системот за квалитет кој го предвидува стандардот за акредитирана лабораторија ИСО 17025 и достави апликација до Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија. Проверката од страна на Институтот се очекува во текот на јануари, по празниците“, информираат од Министерството.

Мерењата се доказ против загадувачите пред суд

Сепак, ИСО-стандардот не значи дека оваа лабораторија ќе биде во состојба да дава податоци за концентрации на загадувачки материи во воздухот кои, доколку државата реши да го тужи загадувачот, во постапките пред судовите ќе бидат важечки доказ. „Мерењата на загадувачки материи во испустите на капацитетите кои ги проверуваме мора да бидат многу прецизни за да бидат квалитетен доказ за тоа дали навистина се работи за надминување на емисиите или не“, вели Ана Петровска, директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Методите и процедурите со кои тие се мерат мораат да бидат, секој од нив, поединечно акредитирани, за различни типови ложишта и за различни загадувачи, како што тоа го налагаат важечките прописи, бидејќи само така добиените податоци од мерењата ќе бидат релевантни како наод и по нив ќе можеме да постапуваме – вели Петровска.

Сомнеж за непринципиелни договори

Според важечките еколошки закони, секоја компанија што има А или Б дозвола мора сама да мери колку загадува и тие ангажираат некоја приватна лабораторија. Работата на лабораториите и на инспекторите за животна средина е тесно поврзана, но државата досега немала контролен механизам со кој можела да ја проверува веродостојноста на мерењата на висината на загадувањето. Инспекторите кои проверуваат дали индустриските капацитети работат во склад со дозволите, исто така своите проверки ги прават во приватните наместо да мерат со Државната, бидејќи е неакредитирана. Еколошките здруженија се сомневаат дека мерењата се “фризираат“ за фабриките кои им се клиенти, со таргетирани мерења кога постројките не работат со полн капацитет.

„ДИЖС секоја година преку тендер некоја од трите акредитирани приватни лаборатории кои постојат во државава ги ангажира со годишни договори да ги врши мерењата“, велат од Инспекторатот.

Тој има обврска во текот на годината да врши редовни, но и вонредни инспекции, во време и на начин како што тие самите ќе проценат дека треба.

– Кога ќе утврдиме сомнеж за загадување, инсталациите кои ги проверуваме самите ангажираат лабораторија да изврши мерење, ама под наш надзор. Засега таа функција не може да ја обавува државната лабораторија, нивните мерења можат да послужат само како индикативни, понатаму да истражуваме – вели Петровска.

На проблемот со неакредитирање на Државна лабораторија  во Македонија во 2019 укажа и извештајот на Меѓународната организација на ревизори ЕУРОСАИ, а тој се провлекуваше и низ претходните извештаи на ЕУ за напредокот на државава.

На барање на пратениците од ДОМ, пред две години беа доделени пет милиони денари во државниот буџет за акредитација на државната лабораторија. Лани, пак, беа одбиени предлог амандманите, со кои О2 Иницијативата побара пари да се доакредитира лабораторијата, како и да се обезбеди вработување на уште осуммина инспектори за животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот