Државниот ревизор избран на „шашма“, ВМРО-ДПМНЕ повторно не го одржа зборот

Колку партиите го почитуваат својот даден збор за договор? ВМРО-ДПМНЕ, постојано го повикува СДСМ да си го оствари ветеното за предвремени парламентарни избори на 12 април, но заборава дека со години наназад не го одржува својот збор кога нешто ветува. Последниот пат тоа се случи при изборот на шефот на државната ревизија Максим Ацевски, а претходно, ВМРО-ДПМНЕ не го одржа зборот ни со Комисијата за лустрација кога вети дека на секои 6 месеци ќе има нов претседател.

Се очекува на денешната собраниска седница за нов ревизор да биде избран Максим Ацевски. Тој минатата недела како предлог на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ помина на Комисијата за избори и именувања во која опозицијата има мнозинство. Но, на истата Комисија не поминаа предлозите за членови на Судскиот совет и Советот на обвинители предложени од СДСМ. Останале без потребниот број на гласови, иако за тоа имало претходен договор. Од СДСМ обвинуваат за тивка коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со цел да продолжат со контролата врз судството. Според ВМРО-ДПМНЕ, немало калкулации, туку проблем меѓу СДСМ и ДУИ. Според ДУИ, СДСМ не се координирал добро со опозицијата за другите прашања освен за директорот на Ревизија. Тие гласале за предлогот на СДСМ. Од СДСМ, пак, посочуваат дека и покрај непочитувањето на договорот, на денешната седница ќе го гласаат ревизорот Максим Ацевски.

Оттаму додаваат дека нема да дозволат Државниот завод за ревизија да остане блокиран и по две години по истекот на мандатот на претседателот на оваа инстиутција. Но, затоа пак неизвесно е како СДСМ ќе настапи за претходно постигнатиот договор за предложените измени на Изборниот законик, точка која на дневен ред треба да се најде на денешната седница.

Нашите извори велат дека ова не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да не се придржува до договореното. СДСМ беше „извисена“ и за договорот местото – претседател на Комисијата за лустрација да биде ротирачко, по примерот на преседателствувањето со ЕУ. На секои 6 месеци да има нов претседател од друга партија. Но исто како и сега, ВМРО-ДПМНЕ тогаш не си го одржа зборот. И покрај притисокот на тогашната опозиција СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ никогаш повеќе не стави нов предлог на Комисијата за избори и именувања за челник на Лустрација. Па така за време на своето постоење, на чело на Комисијата за лустрација стоеше човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот