Државниот Инспекторат за животна средина со кривична пријава за насипување земја и шут во езерото кај Далјан

Фото: ДИЖС

Поднесена е кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство Охрид за нелегално насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан, соопшти денес Државниот Инспекторат за животна средина во врска со случајот од минатата есен кога камиони нелегално насипуваа тони земја на самиот брег на Охридското езеро, проширувајќи го на тој начин земјиштето. Во ноември, охридските активисти за животна средина ја алармираа јавноста дека камиони без ознаки интензивно исфрлаат земја директно во езерото на потегот помеѓу Хотел Далјан и Дом за стари лица во изградба.

ДИЖС утврди дека на површина од 964 квадратни метри на брегот од Охридското Eзеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација. Во координација со Министерството за внатрешни работи, пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава.

Инспекторатот се повикува на мислењето на Хидробиолошки завод од Охрид дека нелегалното насипување на земја и шут на брегот од Охридското Езеро во населба Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем. Очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето, соопштуваат од ДИЖС, од каде потенцираат дека уништувањето на природното наследство е недозволиво и дека виновниците мора да сносат одговорност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот